Македонското знаме се вее пред Парламентот во Онтарио

Македонското знаме се вее пред Парламентот во Онтарио. Денот на независноста на Република Македонија – 8-ми Септември со низа активности и годинава беше одбележан, во организација на македонскиот Генерален конзулат во Торонто, Канада.

На церемонијата на кревање на македонското знаме пред Парламентот на Онтарио во Торонто на Квинс парк присуствуваа членови на македонски организации и здруженија, како и претставници на македонските медиуми во Канада.

Годинава честа да го крене македонското знаме и припадна на уредничката на весникот ,,Македонија’’ од Торонто Соња Лозановска. Чинот беше проследен со интонирање на македонската и канадската химна од страна на хорот при црквата Св. Климент Охридски од Торонто под диригенство на Васко Петровски.

Македонското знаме се вее пред Парламентот во Онтарио
Македонското знаме се вее пред Парламентот во Онтарио

Пред присутните се обрати вицеконзулот во Генералниот конзулат на Република Македонија во Торонто, Александра Стојкова, која честитајќи го празникот потсети на значењето и важноста на овој ден. Таа ги пренесе поздравите по повод 8-ми Септември упатени од спикерот на Парламентот на Онтарио Дејв Левак, а честитки беа испратени и од лидерот на прогресивната  конзервативна партија на Онатрио Патрик Браун.

Кон честитките се придружија и Вера Белчевска претседател на црковниот одбор од црквата „Св. Климент Охридски“, а од празничната говорница се обрати и претседателот на Организацијата Обединети Македонци од Канада Мендо Бакаловски кој на сите Македонци од сите краишта на Македонија им го честита празникот.

По повод Денот на независноста, Генералниот конзулат на Македонија од Торонто организираше прием во најголемата македонска православна црква и културен центар на Македонците во Торонто „Св. Климент Охридски“.