Македонското месо е квалитетно, ама поскапо

Домашните производи од месо повторно ќе се вратат на полиците на супермаркетите. Се прават напори да се намали увозот од други држави, на сметка на домашните продукти. Македонските месни производи се исти по квалитет со странските, ама поскапи, но се работи на нивно изедначување, велат од Групацијата за преработка на месо.

 „Презедовме обврска дека ќе го зголемиме обемот на производство, ќе ги зголеми вработувања и на постоечките вработени ќе им се покачи платата, а воедно ќе се бориме со увозот со цел да се насочиме кон извоз на овие наши производи“, изјави Гоце Трајчев, претседател на Групацијата за преработка на месо и производство на сувомесни преработки при Стопанската Комора на Македонија.

 Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев посочи дека, оваа мерка ќе ја зголеми искористеноста на капацитетите на месната индустрија, кои досега работеа со минимална искористеност од 28%.

 „Денеска сме сведоци дека таквата мерка даде значаен резултат. Производството на компаниите е пораснато за 40%, а извозот е пораснат за 61%, а воедно цената на сувомесните производи за граѓаните на Република Македонија се намали.“, изјави Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања

 Според министерот за земјоделие, Љупчо Николовски, оваа мерка ја спасила од колапс месната индустрија. Како што вели тој, за 10 проценти се зголемени субвенциите за домашните фармери и домашното производство. Воедно распишан е и оглас за доделување на земјоделско земјиште од три и над три хектари. Два посебни огласи се наменети за производство на сточна храна.

 Пред неколку дена Агенцијата за храна и ветеринарство донесе решение за забрана за увоз на свињи и производи што содржат свинско месо за да се заштити од внесување на вирусот африканска свинска чума присутен во околината на Варна во Бугарија. Неодамна, Македонија забрани увоз на пилешко и говедско месо и од Бразил.