Македонското слатко со автентичен бренд

Производителите на слатко од Македонија ќе имаат можност да добијат автентичен дизајн и брендирање на производите. Идејата е креативноста на младите дизајнери да се стави во функција на создавање автентичен македонски производ, поточно бренд. Македонските производи имаат квалитет, традиција во создавањето, но им недостасува една додадена вредност која може да се постигне преку дизајнот.

„Идејата е да ги поттикнеме младите креативци за нивната креативност да ја стават во функција на решенија за одредени производи. Токму затоа одлучивме креативноста на младите да ја поврземе со автентични македонски производи кои имаат голема потреба од создавање на сопствен бренд и креирање на своја комуникациска приказна,“ истакна Ангела Пеева Лауренчиќ.

Според нејзе, за пробивање на македонските производи надвор потребен е квалитетот кој го имаме, потоа постојаноста на тој квалитет, цената на производот, промоцијата и дизајнот. Сето ова, го чини еден бренд на одреден производ. Големите брендови постојано работат на нивните приказни за да го заинтригираат потрошувачот. А, со брендирањето на производите ќе се заинтригираат потрошувачите за купување на домашни македонски производи.

Според програмскиот директор на Skopje Design Week, Марта Наумова Грнаровска идејата е преку практични проекти, дизајнот да се приближи до македонските компании и на тој начин да влијае на подобрувањето на македонската економија.

„Имаме традиција во производството и убави производи. Дизајнот е еден од елементите за градење на македонските брендови. Главната работа при создавањето на еден бренд е да постои приказна која ќе се раскаже.Во оваа насока, македонското слатко има потенцијал, а не е претставено на вистински начин,“ изјави Наумова Грнаровска.

Во целиот проект се вклучени и Македонската асоцијација на преработувачи кои ќе помогнат македонските преработувачи на овошје и зеленчук кои имаат квалитетни производи да се вклучат во проектот.

Огласот за вклучување на компаниите веќе е во тек, а откако ќе биде позната компанијата, ќе се распише и конкурсот за дизајнерот. Резултатот од соработката меѓу компанијата и дизјнерот ќе биде соопштен на годинешното издание на Skopje Design Week кој годинава ќе се одржи од 23 до 28 септември.

Наградата за победникот изнесува 200 илјади денари, а иницијатори на поддршка на младите креативци преку брендирање на автентичните национални брендови е Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ „Браво сине“ и Skopje Design week.