Македонското здружение „Скопје“ од САД: Опозицијата свесно ја турка Македонија во уште поголема криза

Опозицијата свесно ја турка Македонија во уште поголема криза која може да придонесе за крах на економијата и полоши услови за живот на нашите браќа и сестри во стариот крај. Несфатливо е во 21-ви век, опозициска партија да не сака да учествува на избори кои сите знаеме дека ќе бидат фер и демократски. Македонското здружение „Скопје“ од Детроит САД, преку писмено соопштение реагира на актуелните политички случувања во земјава.

Интегрален текст од соопштението:

Со длабоко жалење мора да констатираме дека деструктивните сценарија продолжуваат да се реализираат во Македонија. Сведоци сме на невидена дрскост, хулиганстбо и изживување врз македонскиот народ, со нивна поддршка и поттик, заедно со странските партнери и главниот финансиер Сорос. Македонија имаше предвремени избори во 2014-тата година на кои мнозинството граѓани својот глас го даде за ВМРО – ДПМНЕ и беше формирана легитимна влада заснована на економска програма. Од тогаш па наваму опозицијата ги користи сите нелегитимни механизми на располагање за да дојде на власт без избори и без поддршка од граѓаните. Дополнително со своето однесување, кршење и палење државен имот, каменување полиција, уништување културно наследство, блокади низ главниот град кои го отежнуваат сообраќајот и го оневозможуваат функционирањето на државата, покажуваат непочитување на нашата држава која сакаат да ја водат.

Опозицијата свесно ја турка Македонија во уште поголема криза која може да придонесе за крах на економијата и полоши услови за живот на нашите браќа и сестри во стариот крај. Несфатливо е во 21-ви век, опозициска партија да не сака да учествува на избори кои сите знаеме дека ќе бидат фер и демократски. Опозицијата се плаши да оди на избори оти знае дека истите ќе ги загуби. Во Македонија нема фантоми, нема поткуп на гласачи, има медиумски слободи поголеми и од земјата во која моментално живееме.

Со своето однесување опозицијата свесно им помага на нашите непријатели да ги остварат своите агенди за конечно обезличување на Македонија и се што е македонско. Промена на името, промена на јазикот, на нацијата. Сите сакаме да ја видиме Македонија во НАТО и ЕУ, но не по цена на промена на нашиот идентитет. Тоа треба да му е јасно на Заев и на странскиот фактор кој се труди да не клекне на колена мислејќи дека така ќе успее да ни го смени умот. Македонија и Македонците издржале и многу повеќе.

Затоа на 5-ти јуни сите партии во Македонија мора и треба да учествуваат на изборите. Сите партии мора да направат се овие избори да се фер и демократски, да не прават инциденти, протести, туку да направат своја програма и подобра Македонија.