Макотрпни преговори за „Јамајка“ коалицијата на Меркел

Во пресрет на новиот круг преговори за составувањето на коалициската влада меѓу демохристијаните, либералите и зелените, ставовите за некои спорни прашања, како што се климатските и мигрантските политики сѐ уште се многу далечни, соопштуваат извори од преговарачките тимови.

„Зелените едноставно не можат да отстапат од целите во врска со климатските политики, коишто покрај тоа, ги потврдија и досегашните влади“, изјави министерот за природна средина на сојузната покраина Шлезија-Холштајн и преговарал на партијата Зелени, Роберт Хабек за дневниот весник Berliner Zeitung.

Либерлано-демократската партија (FDP) ги доведува во прашање некои од целите на климатската политика во чиешто носење и самата учествуваше во текот на втората влада на канцеларката Ангела Меркел во периодот меѓу 2009 и 2013 година, кога либералите учествуваа во работата на владата пред на следните парламентарни избори да не успеат да го минат прагот за влез во парламентот во кој се вратија на септемвриските избори. Либералите, а делумно и Унијата CDU/CSU се противат на затворањето на другите електрични централи на камен јаглен, што е потребно за да се остварат некои од климатските цели.

„Прашањето на поволната енергија е пресудно за индустриска земја каква што е Германија“, изјави Армин Лашет, премиер на индустриски најразвиената сојузна држава Северна Рајна-Вестфалија за јавниот сервис Deutschlandfunk.

„Доколку Зелените и натаму се упорни во намалувањето на емисијата на јаглерод диоксид до 2020 година за 40 отсто во споредба со 2010 година, тогаш мораме отворено да кажеме дека по тоа прашање нема да постигнеме договор“, изјави потпретседателот на FDP, Волфган Кубицки во разговор за медиумската мрежа Deutschland.

Другиот блок проблематични теми кој се испречува на договорот околу создавање на ткн „Јамајка влада“, наречена така според боите на партиите – црна, жолта и зелена кои се на знамето на споменатата карипска земја, е имигрантската политика. Притоа главниот судир е меѓу помалиот партнер во демохристијанската унија, баварската Христијанско-социјална унија (CSU) и Зелените.

Додека CSU и натаму е истрајна на некои механизми како што се воведување горна граница на бројот на имигрантите, противење на овозможувањето доаѓања на членови на семејствата на имигрантите кои веќе се наоѓаат во Германија, како и упорноста на протерување на лицата на коишто им е одбиено барањето за азил, Зелените се залагаат за полиберална политика кон имигрантите.

„Столбот на нашата бегалска политика е дозволата на оние бегалци кој се наоѓаат во Германија тука да ги доведат и членовите на своите семејства“, изјави претседателот на Зелените, Чем Ездемир во разговорот за дневниот весник Bild и додава дека партиите мора „да се приближаБт една со друга“, доколку се сака да се формира „јамајка коалицијата“.

Андреас Шурер, генералниот секретар на CSU, којашто по победата на антидоселеничката политика во соседната на Баварија, исто така, доминантно католичка Австрија настојува уште повеќе да се профилира како партија којашто ќе го спречи натамошниот прилив на имигранти, уште еднаш го потврди ставот на својата партија во врска со имигрантската политика и политиките кон доселениците.

„За нас е јасно: доселувањето мора да биде подобро регулирано и ограничено. Спојувањето на семејствата не доаѓа предвид , бидејќи тоа значи дека во Германија би дошле дополнителни стотици илјади бегалци“, вело Шеурер за дневниот весник Passauer Neue Presse.

Потпретседателот на Христијанско-демократската унија (CDU) Томас Штробл апелираше до сите партии во преговарачкиот процес да отстапат од своите максималистички барања.

Подготвителните преговори коишто би требало да послужат за одредување на насоките на конкретните преговори, беа прекинати во четвртокот без конкретни договори околу климатските и имигрантските политики, а би требало да бидат продолжени во текот на следната седмица.

Во врска со бавниот напредок во преговорите, некои германски политички коментатори барат од Ангела Меркел со својот авторитет да се вклучи во разговорите и да го забрза процесот на формирање на владата. Според некои процени, дури и во случај на успешен исход од преговарањето, владата би можела да биде формирана дури кон крајот на јануари, што за Германија е извонредно редок случај.

Претседателот на Социјалдемократската партија на Германија (SPD), Мартин Шулц, се заложи за нови избори доколку не дојде до договор меѓу демохристијаните, либералите и зелените. SPD сѐ уште учествува во работата на техничката влада. Социјалдемократите по најслабиот изборен резултат од 1949 година на парламентарните избори кон крајот на септември, како што впрочем мина и победничката CDU на Ангела Меркел, го отфрлија натамошното учество во ткн Голема коалиција со Унијата CDU/CSU.

Според последните испитувања на јавното мнение на институтот Fors за неделник Stern, повеќе од 70 отсто од германските граѓани веруваат дека Германија во следните години ќе ја води „Јамајка коалицијата“ којашто има поголема поддршка во западниот дел од земјата.