Макрон ја прими Меј во летната резиденција на разговори за Брегзитот

Во петокот вечерта, на првиот ден од својот одмор на Азурниот брег, францускиот претседател Емануел Макрон ја прими британската премиерка Тереза Меј на разговорите за односите меѓу двете земји, во периодот кога преговорите на Велика Британија за истапувањето од Европската унија тапкаат во место.

Британската премиерка е првиот висок гостин кого францускиот претседател го прима во крепоста Брегансон, летната резиденција на француските челници, каде што Еманиуел Макрон пристигнал околу 17 часот по средноевевропско време и каде што ќе се задржи следните две седмици.

Еден час по него пристигнала и Тереза Меј, којашто се враќа од одморот што го мина во Италија, пренесува AFP. Околу 18,15 часот двајцата челници се сретнале во дворот на тврдината. Покрај нив имало по тројца дипломати, меѓу кои и амбасадорите на двете земји.

Како што наведува Елисејскиот дворец во официјалното соопштение, на оваа неслужбена средба којашто траела околу 1,45 час, не станало збор за Брегзитот, туку за идните односи меѓу Париз и Лондон. Потоа политичарите им се придружиле на своите сопружници Брижит и Филип на „пријателска“ вечера во градината на резиденцијата којашто британската премиерка ја напушти по вечерата..

Според најавите, британската премиерка во текот на вечерата требала на Макрон да му го изложи „ставот на Лондон во преговорите за Брегзитот и за идните врски со ЕУ“, објави пред средбата Елисејскиот дворец. Официјални изјави не беа предвидени. „Париз не сака да го замени Мишел Барние кој го води процесот“ и кого Европската унија го задолжи за преговорите со Обединетото Кралство, истакна кабинетот на францускиот претседател.

Меј со Макрон требаше да разговара и за ткн „бела книга“ којашто Лондон ја објави во јули, со предлозите за дефинирање на врските меѓу ЕУ и Велика Британија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.