Макрон предупредува на ризик од судир по иранската најава за збогатување ураниум

Францускиот претседател Емануел Макрон ги предупреди во вторникот вечерта сите страни на потенцијална „ескалација“ којашто може да резултира со „судир“, по одлуката на иранските власти за зголемување на капацитетите за збогатување на ураниум, по којашто следеше жестока реакција на Израел.

Иран во понеделникот ја извести Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) за воведување план за зголемување на капацитетите за збогатување на ураниумот, така што ќе го зголеми бројот на центрифугите. Откажувањето на Техеран од овие активности беше дел од меѓународниот нуклеарен договор со шесте светски сили од 2015 година, поради што за оваа земја беа укинати децениските економски и финансиски санкции. Меѓутоа, САД истапија од договорот на почетокот од мај годинава, и се заканија со повторно воведување санкции коишто на удар ќе ги имаат и сите компании и земји коишто ќе имаат активности во иранската економија, а Техеран возврати дека ќе се врати на развојот на својата нуклеарна програма за којашто тврди дека е за цивилни цели, но до договорот дојде до ниво на збогатување на ураниумот од кое лесно може да се произведе атомска бомба.

„Имајќи го предвид заемното зголемување на напнатоста, сите вас ве повикувам да работите на стабилизација на ситуацијата, како и да не придонесувате за ескалацијата, бидејќи таа може да резултира само со едно – со судир“, изјави на францускиот претседател Емануел Макрон по крајот од разговорите во Париз со израелскиот претседател Бенјамин Нетанјаху.

Неколку часа претходно Нетанјаху рече дека целта на иранската одлука е да го „уништи Израел“.

„Ајатолахот Хамнеи, иранскиот врховен водач, ја објави пред два дена намерата да го уништи Израел. Објасни во понеделникот како тоа ќе го стори: со збогатување на ураниум без рестрикции поради создавање нуклеарен арсенал сме изненадени. Ќе го спречиме Иран да се снабди со нуклеарно оружје“, рече Нетанјаху во видео-снимката објавена на социјалните мрежи пред неговата средба со Макрон.

Францускиот претседател, пак, смета дека Иран со својата објава нема намера да излезе од рамките на договорот од 2015 година.

„Му кажав на израелскиот премиер дека, како и нашите европски партнери, сметаме дека договорот од 2015-та мора да се зачува… Договорот е замислен како фаза којашто треба да се доврши со спогодба за нуклеарните активности по 2025 година, работата на балистичката активност на Иран и работата на регионалната присутност на оваа земја“, рече Макрон.

Иран во понеделникот ја извести Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA), којашто според нуклеарниот договор врши ненајавени експертски контроли врз иранските нуклеарни постројки, дека ќе воведе план за зголемување на својот капацитет за збогатување на ураниумот со зголемување на бројот на центрифугите, изјави заменикот на иранскиот претседател Али Акбар Салехи.

„Тоа што го правиме не го крши договорот“ за иранската нуклеарна програма склучен во јули 2015 година во Виена, од кој САД се повлекоа на 8-ми мај 2018 година, истакнал Салехи цитиран од иранската новинска агенција Fars.

„Тие чекори не значат дека преговорите со Европа пропаднаа“, рекол Салехи мислејќи на дијалогот меѓу Иран и Европската унија, Германија, Франција и Велика Британија за да се направи обид да се задржи Иран во рамките на договорот од Виена и покрај американското повлекување.

И Европската унија го повика Техеран во вторникот да продолжи да ги почитува своите обврски произлезени од нуклеарните активности и додаде дека „ја проучува“ одлуката на иранските власти за зголемување на капацитетите за збогатување ураниум. Од ЕУ повторија дека од Иран очекуваат да ги почитува своите обврски од нуклеарниот договор, како и дека Меѓународната агенција за атомска енергија е единствената задолжена за надзор за неговото спроведување.

„Ние и натаму ќе ги почитуваме нашите обврски коишто произлегуваат од меѓународниот договор сѐ додека Иран ги почитува своите обврски“, соопшти Маја Коцијанчич, портпаролка на шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.