Макрон: Разговорите со Трамп се како колбаси

Францускиот претседател Емануел Макрон изјавил дека неговите телефонски разговори со американскиот колега по должност Доналд Трамп и другите светски челници се како колбаси „подобро да не се знае што е внатре“.

Во текот на заедничката прес-конференција со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху кој во Париз допатува во вторникот доцна попладнето, францускиот претседател Емануел Макрон бил запрашан за извештајот на американската телевизија CNN, според кој телефонскиот разговор минатата седмица со американскиот претседател Доналд Трамп бил „грозен“.

Парафразирајќи го прускиот државник Ото фон Бизмарк, Макрон обајснил зошто се воздржува од коментарите со другите светски лидери. „Како што Бизмарк говореше, доколку им објасниме на луѓето како се прават колбасите, тешко дека ќе продолжат да ги јадат“, рекол за новинарите францускиот претседател.

Кусата изјава на Елисејскиот дворец за минатонеделниот разговор меѓу Макрон и Трамп наведе дека францускиот челник одлуката на својот американски колега да воведе царини на увозот на челикот и алуминиумот од земјите сојузнички ја нарекол „незаонска и погрешна“. Во кусото соопштение на Белата куќа, пак, беше истакнато дека разговорот бил фокусиран на трговијата и имиграциите.

За разлика од својот претходник Франсоа Оланд, Макрон преферира медиумите да ги држи на пристојна оддалеченост. „Тука во Париз не коментираме како течеле работите или колку се топли, студени или грозни. Само одиме натаму и работиме“, рекол.