Свет

Макрон вети дека војната со ИД во Сирија ќе заврши во февруари, но ќе разговара со Асад

Макрон вети дека војната со ИД во Сирија ќе заврши во февруари, но ќе разговара со Асад

Францускиот претседател Емануел Макрон оцени дека војната со џихадистичката групација Исламска држава (ИД) во Сирија „ќе ја добиеме до средината или до крајот на февруари“, но дека тогаш „ќе мора“ да разговара со претседателот Башар ал-Асад, иако официјален Дамаск и неговиот сојузник Русија минатата седмица објавија дека ултрарадикалната сунитска организација е целосно поразена во оваа земја по што започна повлекувањето на руските сили од неа.

„Ирачкиот премиер (Хајдер ал-Абади) на 9-ти декември прогласи победа над Даеш (арапска кратенка за Исламската држава) и мислам дека војната во Сирија ќе ја добиеме до средината или до крајот ан февруари“, изјави францускиот претседател Емануел Макрон во емисијата „Специјален гостин“ на водителот Лорен Делусе емитувана во неделата вечерта на телевизијата France 2.

Макрон уште пред неколку дена изјави дека воените операции против Исламската држава ќе продолжат до „средината или крајот на февруари“, што е во спротивност со тврдењата на Русија дека земјата „во целост е ослободена“ од Исламската држава.

Но францускиот претседател, како што се чини, сега ја прифаќа реалноста на теренот и во интервјуто вели дека „ќе треба да се разговара“ со сирискиот претседател Баашр ал-Асад, чиешто заминување од должноста од сунитската опозиција и сунитските соседни земји поддржани од Западот, беше всушност искористено за започнувањето на војната во Сирија во март 2011 година.

„Башар е најголемиот непријател на сирискиот народ. Мојот непријател е Даеш. Башар ал-Асад ќе биде таму. Ќе биде таму и затоа што на теренот го штитат оние кои исто така ја добија војната, без разлика дали тоа е Иран или Русија, значи не можеме да кажеме дека не сакаме да разговараме со него и со оние коишто го застапуваат“, истакна Макрон.

„Значи, ќе мораме да разговараме со Башар и со неговите претставници“, додава францускиот челник, истакнувајќи дека тоа нема да биде пречка сирискиот претседател, обвинет за многу злосторства, „пред народот и пред меѓународното правосудство да одговара за своите злосторства“.

„Во процесот кој Франција сака да го види на почетокот од идната година, ќе бидат претставниците на Башар, но сакал и претставници на сите опозициски групи, па и оние кои ја напуштиле Сирија поради Башар, а не поради Даеш“, додаде Макрон.