Макрон жртва на „масивен и координиран хакерски напад“

(Regis Duvignau/Reuters)

Францускиот центристички претседателски кандидат Емануел Макрон наводно бил жртва на „масивен и координиран“ хакерски напад чија цел била да се влијае врз изборите во недела, според неговиот изборен штаб.

Во соопштението се наведува дека документите коишто во петокот истекле на интернет биле содржани во електронските пораки хакирани пред неколку седмици. Станува збор за електронската пошта на функционер од неговото движење En Marche! (Напред).

Тие документи биле помешани со лажни документи за да се „посеат сомневања и дезинформации“, наведува изборниот штаб на претседателскиот кандидат Емануел Макрон, додавајќи дека тоа обид да се „дестабилизираат француските претседателски избори“ слично на она што наводно се случи во САД во ноември минатата година.

Од движењето на Макрон уште кон крајот на април тврда дека биле цел на напад на хакерската група позната како „Pawn Strom“.

Западните компании за безбедност на податоците на интернет сметаат дека таа група би можела да биде поврзана со руските разузнавачки служби, но ваквите тврдења засега не се поткрепени со ниеден доказ.

Француската изборна комисија соопшти дека ќе одржи состанок подоцна во саботата откако изборниот штаб на Макрон ги известил за хакирањето и објавувањето на податоците. Комисијата апелираше медиумите да бидат претпазливи во објавувањето на поединостите од преписката, имајќи предвид дека предизборната кампања е завршена.

Според последните испитувања на јавното мнение, Макрон ќе ја победи во недела кандидатката на крајната десница Национален фронт (FN) поддржана од суверенистите Марин Лепен во вториот круг од претседателските избори, кои се сметаат за најважните француски избори последните децении. Последните анкети покажуваат дека Макрон ќе освои 62 отсто од гласовите.

Сепак, некои аналитичари од поодамна предупредуваат и на можно изненадување, како во случајот со победата на актуелниот американски претседател Доналд Трамп ланскиот ноември, и претходно на 23 јуни 2016 година, кога наспроти анкетите на референдумот победи опцијата Велика Британија да истапи од Европската унија.