„Макстил“ го загадува Скопје, ама никој незнае колку

Густ џад од оџаците на скопска железарица продолжува секојдневно да создава огромни облави над Скопје. Најмногу на удар се жителите на населбите Железара и Автокоманда, Бутел и Ченто..но, не се поштедени и сите останати скопски населби. Доцна навечер, многу често, прашината е проследена и со силен мирис на старо ’рѓосано железо.

Се чини дека гласот на народот селективно стигнува до надлежните институции, бидејќи и покрај бројните граѓански реакции и протести пред фабриката на бизнисменот Минчо Јорданов, Владата сепак на компанијата „Макстил“ и даде дополнителни шест месеци за воведување на еколошка „А“ интегрирана дозвола. Првенствено, законскиот рок беше до 1 април, годинава.

Директорот на Државниот инспекторат за животна средина, Фирус Мемет, вели дека засега инспекторатот нема обврска да делува бидејќи на „Макстил“ му е пролонгиран периодот за вадење „А“ интергрирана еколошка дозвола. Дури откако по истекот на рокот не се испочитуваат бараните стандарди, инспекторатот ќе може да преземе поконкретни чекори, како ограничување на прозводството или негово комплетно затворање. Дотогаш скопјани ќе го дишат густиот џад, за кој неможе да се утврди точно колку загадува.

makstil1

„’Макстил’ на оџаците има вградено филтри и вршат редовни мерења што покажуваат дека загадувачките материи се во рамките на дозволеното. Проблем е што загаденоста на прашината што се испушта од печките, во вид на видлив облак од чад што сите го гледаат, не можеме да ја измериме, бидејќи за тоа нема акредитирана лабораторија во земјава. За да се спречат овие секундарни емисии во воздухот и воопшто да не се гледа чад од оџаците ’Макстил’ треба да изгради хауба над производниот погон, која чини околу 12 милиони евра“, вели Мемет.

20140622_191435

За потсетување, од индустријата за челик „Макстил“, официјално побараа пролонгирње на рокот за комлетно воспоставување на бараните стандарди за да го спроведат потребното еколошко приспособување на оџаците. Оттаму посочија дека изградбата на системот за отпрашување наводно е веќе почната, а во тоа се вложени 10 милиони евра.

На обвинувањата од граѓаните, од компанијата досега во повеќе наврати посочуваат дека секоја недела се мери емисијата на прашината од оџакот, а резултататите покажуваат дека не се надминуваат граничните вредности. Според нив, „Макстил“ загадувал само според европски стандарди.

Освен „Макстил“, пролонгирање на рокот за потребната еколошка дозвола побараа и „Југохром“, „РЕК Битола“ и „ТЕЦ Осломеј“, а повеќе од  80 индустриски капацитети го запазија законскиот рок.

makstil2

Поради усогласување на европските стандарди  за квалитетот на животната сите индустриски и производствени капацитети  мора да имаат  А и Б интегрирани еколошки дозволи, со што загадувањето би се свело на минимум. Големите капацитети треба да имаат  А интегрирана еколошка дозвола, што ја издава Министерството за животна средина и просторно планирање, а помалите Б дозвола, која што ја издава Градот.

Протести пред фабриката „Макстил“, скопјани бараат чист воздух

protest1-300x225

Во знак на револт поради  загадувањето на градот од  „Макстил“, во неколку наврати граѓани од околните населби протестираа пред влезот на фабриката. Последен таков протест  организирана преку социјалните мрежи, се одржа пред неколку дена. Со гас маски, и транспаренти во рака, граѓаните револтирано извикуваа „Сакаме воздух“.

На протестот му се придружија и претстваници од партијата ДОМ, но граѓаните веднаш се оградија од нив, не сакајки протестот политички да се злоупотреби, оосбено револтирани дека оваа парија која најмногу е одговрна да ја штити животната средина, досега не направила ништо за решавање на проблемот со загадувањето на овој дел од градот.

Според најавите, протестите ќе продолжат се’ додека фабиката не ги постави потребните филтри.