„Макстил“ подигна кредит од 24,5 милиони евра

Компанијата „Макстил“, за која постои реалнa можност да биде затворена доколку до 31 октомври не ги  исполни условите за добивање А интегрирана дозвола, земала кредит од Стопанска банка Скопје во износ од 24,5 милиони евра.

Од компанијата информираат дека овој Договор за мултивалутна кредитна рамка има неколку подлимити: подлимит во износ од 7 милиони евра за подршка на тековното работење на револвинг принцип (краткорочни кредити,гаранции и акредитиви), подлимит во износ од 4 милиони евра за подршка на тековно работење, како и подлимит во износ од 8 милиони евра за долгорочно инвестирање-нов инвестициски кредит за инвестиции со цел заштита на животната средина. За кредитот компанијата задолжи недвижен имот и опрема.

За добивање на А интегрирана еколошка дозвола, комапнијата ги нема завршено целосно работите што предвидуваат вградување на потребниот филтер, а кој  би требало да го спречи загадувањето на животната средина.

Од големите индустриски капацитети, покрај „Макстил“, и  „Југохром“ нема се’ уште ваква дозвола, но со оглед на тоа дека рокот е до 31 овој месец, а оваа компанија нема  почнато ни со исполнување на оперативниот план, шансите се многу големи таа да биде затворена.