Макстил во предвидениот рок ќе ги исполни барањата за А интегрирана еколошка дозвола

Активностите за поставување на системот за отпрашување во „Макстил“ АД Скопје се одвиваат со предвидената динамика. До 31 октомври ќе заврши поставувањето на новата опрема, а потоа ќе следи поврзувањето со постојната, период кога Макстил нема да работи, пренесоа медиумите.

Ова го истакна генерланиот директор на „Макстил“ АД Скопје, Иван Бановски при денешната посета на локацијата каде се извршуваат градежните работи на системот за отпрашување.

-За две до три недели градежно-бетoнските работи на филтерската постројка треба да бидат целосно завршени, а потоа „Бетон“ да започне со работата во внатрешниот дел на погонот. Паралелено во погоните  на „Факом“ активно се работи на префабрикацијата  и изработката на деловите од опремата, на конструктивните елементи и цeвководите за гасовите, додека италијанската СТГ (STG), која е носител и главен проектант на постројката, веќе  ги има порачано деловите кои се нивна обврска да ги набават и кон крајот на месецов треба да почнат да пристигнуваат во погонот – појасни Бановски.

Тој нагласи дека сите активности се спроведуваат според предвидената динамика и додаде дека се обидуваат и предвреме да се реализира планот.

– Според предвиденото, сите активности за монтирањето на опремата треба да завршат до 1 ноември, а потоа ќе следат активностите на конекција и сетирање на новата опрема со деловите од постоечката поради што Макстил ќе мора да ги запре сите свои производни активности. На крајот ќе следат ладните и топлите проби по што следниот старт на погонот Челичарница при крајот на годинава ќе биде со емисија на гасови во воздухот кои ќе ги исполнуваат најстрогите европски норми – рече Бановски.

Дотогаш, исто како и во изминатите две до три години, потенцира, Макстил работи со 30-тина отсто од своите капацитети за да го намали загадувањето на воздухот. – Во останатите 13 до 14 часа во денот ние ја превенираме постоечката опрема и ја држиме во најдобра можна кондиција. Може да кажеме дека во моментов е најмало загадувањето од постоењето на оваа Челичарница, рече Бановски.

Одговарајќи на прашање, Бановски рече дека на гледа причина Макстил веднаш да се затвори, бидејќи, како што потенцира, во периодот од декември 2013 година до јануари годинава кога Скопје го достигна максималното загадување Макстил воопшто не работеше.

Заменик министерот за животна средина и просторно планирање Стево Темелковски истакна дека Министерството до утре ќе ги има сите податоци за загадувањето што го врши Макстил од мобилните апарати за мерење на загадувањето.

–  Редовно го следиме загадувањето дури сега имаме и ноќни надзори за мерење на амбинеталниот воздух и на испусните загадувачки гасови од погонот. Сепак овие посети не се доволни и треба да се работи во насока на појачување на инспекторатот со луѓе и опрема. Малку сме загрижени за роковите. Верувам дека во наредниот период Макстил ќе ги забрза работите за да ги исполни обврските – рече Темелковски.

Доколку Макстил загадува повеќе од дозволеното, нагласи, предвидени се мерки како казни и затворање на објектот.

Кристијан Узунов, претставникот на граѓаните од наслебата Железара, рече дека резултатите од загадувањето ги знаат сите, но никој не презема ништо.

– За нас се небитни паричните казни со кои и досега биле казнувани загадувачите. Банално е да дозволуваш некој да работи и да ги труе граѓаните, а за тоа да изрекуваш казни. Единствена казна е да се затворат објектите на загадувачите се додека не ги исполнат еколошките стандарди. Доколку тоа не го направат нека ја дислоцираат фабриката на оддалеченост од 50 километри од населено место или нека ја затворат – рече Узунов.

Тој истакна дека граѓаните на Железара ќе вршат притисок се додека Макстил и сите други загадувачи во Скопје не работата по еколошките стандарди што ги пропишува Европската унија.

Претседателката на ДОМ, Лилјана Поповска потенцира дека единствено решение е Макстил веднаш да престане со работа.

– Сите рокови што беа дадени до сега се пробиени и нема веќе време за чекање и дозволување да се труе Скопје и скопјани. Затворањето на Макстил е единствено фер и чесно решение и од тоа не треба да се отстапи. Токму затоа на менаџментот на Макстил му предложив веднаш да се затворат капацитетите се до исполнувањето на предвидените услови и да не поштедат од загадувањето. Нивна е грешката што не почнале навреме со прилагодувањето. Затоа треба да продолжиме со притисокот и да бараме веднаш да престанат со работа – рече Поповска.

Поставувањето на системот за отпрашување „Макстил“ АД Скопје ќе го чини од 10 до 10,5 милони евра. Крајниот рок за воспоставување на системот е 31 октомври 2014 година, откако добија пролонгирање од 6 месеци.