Мала но важна измена во здравството, поголеми бенефиции за донаторите на крв и органи

Со измените и дополнувањата на Законот за здравствено осигурување, осигурените лица кои доброволно дарувале крв и они кои доброволно дарувале ткиво или орган се ослободени од партиципација при користењето на здравствените услуги и лековите.

Министерот за здравство Никола Тодоров посочил дека да им се овозможи на тие лица доживотно да бидат целосно ослободени од плаќање партиципација е сериозно хумана мерка. Тој појаснил дека станува збор за мала измена на Законот, но  исклучително значајна во процесот на зголемување на бројот на трансплантации во Република Македонија, пишува „Република“.

Според информациите објавени во медиумите, министерот Тодоров рекол дека на семејството на умреното лице од кое се земени делови од човечко тело (дарител на органи и ткива) ќе му бидат надоместени реалните погребални трошоци, но најмногу до три просечни месечни нето плати по вработен исплатени во Република Македонија во последниот месец пред настапување на смртта, а се предвидува паричната помош да ја обезбедува Министерството за здравство преку Програмата која се однесува на земање делови од човечко тело заради лекување донесени согласно Законот за здравствена заштита.

„Идејата е тие семејства да бидат ослободени од сите трошоци за погребални услуги за умреното лице-дарител на органи и ткива. Сметам дека и ова е во насока на проширување на некои права или можности кои ќе доведат до зголемување на бројот на трансплантации, а со тоа и продолжување на животот на повеќе граѓани во Македонија“, додал Тодоров, пренесоа медиумите.

Сашо Василевски од ВМРО-ДПМНЕ рекол дека средствата за ослободување од учеството со лични средства на доброволните дарители на крв, ткиво или орган, утврдени со Предлог законот на здравствената установа ги надоместува Министерството за здравство од Програмата која се однесува за доброволно дарување ткиво или орган донесена согласно Законот за здравствена заштита.

 

Оваа година за помалку од шест месеци направени две кадаверични трансплантации во Македонија

 

„Оваа година за помалку од шест месеци се направени две кадаверични трансплантации, процес кој беше сериозно замрен повеќе години. Пресаден е бубрег кај четворица пациенти, што е многу значајно во процесот на пристапување на Македонија кон Еуротрансплант. Мораме прво да го почнеме процесот, а потоа да пристапиме кон нив. Значајно ни беше да заживее и трансплантацијата на ткива. Идејата е да направиме подобри банки посебно на матични клетки“, рече Тодоров.

„Порано се правеле пет, шест до осум трансплантации годишно, минатата година – 36, а годинава се планирани 40 трансплантации“, нагласил Тодоров.