„Малезија Ерлајнс“ отпушти 6.000 вработени

Најмногу споменуваната авионска компанија во светот во последниве 15 месеци, „Малезија Ерлајнс“, денеска им врачи решенија за престанок на работниот однос на шест од вкупно дваесет илјади вработени во компанијата.

Раководството соопшти дека „Малезија Ерлајнс“ и натаму ќе ги одржува досегашните меѓународни и домашни линии, но дека до 2017 година се откажува од воведување на нови летови.

„Малезија Ерлајнс“ се најде во ударните вести поради мистериозното исчезнување на нејзиниот авион на линијата Куала Лумпур-Пекинг на 8 март минатата година и по соборувањето на нејзиниот авион над Украина. Во двете катастрофи не преживеа ниту еден патник, а во соработка со Кина и Австралија, Малезија и натаму трага по остатоците на исчезнатиот авион.

По добивањето на ланскиот негативен рејтинг, по налог на Владата на Малезија, започна преиспитувањето на состојбите во авиокомпанијата, што резултира со отпуштање на 6.000 вработени.

По двете несреќи значајно опадна и бројот на патници што ги превезува „Малезија Ерлајнс“. Лани компанијата превезла само еден милион патници, 2,5 пати помалку од годината пред да и се случат катастрофите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.