Анализи

Ќе се повтори ли јужнокорејскиот модел за спас на економијата Малезијците собираат пари за отплата на јавниот долг

Малезијците собираат пари за отплата на јавниот долг

Малезијците нашле прилично необичен начин за намалување на јавниот долг. На државата, чиј долг изнесува речиси 80 проценти од БДП, одлучиле да и помогнат со своите пари преку кампањата Crowdfunding. Уште првиот ден собрале близу два милиони долари, иако тоа е буквално сламка во пласт сено, бидејќи националниот долг на Малезија е повеќе од 250 милијарди долари.

Но се чини дека во оваа азиска земја се уште владее оптимизмот по првата промена на власта од 1957 година по победата на изборите на новиот премиер, Махатир Мохамед над коалицијата која беше на власт откако земјата прогласи независност од Британија, така што се подготвени да и помогнат на државата од сопствен џеб.
Crowdfunding кампањата ја започна 27-годишник, кој вели дека е „многу заљубен и горд на својата земја“ и тоа го привлече интересот на целата земја и на Владата.

Граѓаните доброволно ги делат нивните пари со владата за да ни помогне да го решиме овој тежок товар, изјави министерот за финансии, Лим Гуан и додаде дека овој метод на „собирање пари е систематски и транспарентен“.

Во првиот ден од кампањата собрани се 1,8 милиони американски долари, а ББЦ пишува дека овој вид на помош подсетува на доцните 1990-ти, кога жителите на Јужна Кореја стоеја во редови да ги донираат венчалните прстени и останати вредности и така и помогнаа на паднатата на коленици национална економија во текот на финансиската криза во Азија.

Иако меѓу Малезијците владее оптимизам, економските експерти не се толку ентузијасти во врска со овој начин на враќање на огромниот долг и предлагаат поефикасни начини, како што се плаќањето даноци и купување на домашни производи. Корисниците на социјалните мрежи од други земји, исто така не се задоволни, и веќе шпекулираат кога во нивните држави ќе се проба нешто слично.

Новиот премиер Мохамед (92) истакна дека на секој начин ќе се борат за да го намалат огромниот долг, а се надева дека еден дел, околу 700 милиони долари, ќе се вратат кога ќе бидат подигнати обвиненијата за корупција против поранешниот премиер Наџиб Разак, кој некогаш беше соработник на Махатир, но потоа тие станаа ривали.