Малезиската авијација под истрага поради исчезнување на МХ370

Малезиските власти започнаа истрага во врвот на цивилната и воената авијација за да се утврди зошто се пропуштени сите можности да го идентификуваат и лоцираат летот МХ370 во првите хаотични часови по неговото исчезнување.

Како што за Ројтерс изјави висок малезиски функционер, прелиминарната истрага започна во моментот на зголемени тензии меѓу цивилните и воените власти околу прашањето кој сноси поголема одговорност за првичната конфузија и грешка, кои ја доведоа еднонеделната потрага по авионот во погрешен океан.

„Истражуваме што се случуваше во тој момент и не можам да кажам повеќе од тоа, бидејќи се вклучени и војската и владата,“ изјави тоа официјално лице.

Во интервју за Ројтерс минатиот викенд, извршниот директор на Малезија ерлајнс, Ахмед Јахја изјави дека внатрешната истрага е во тек, иако одби да открие детали.

Нејасно е кој во владата би можел да биде надлежен за таква истрага.