Малолетна Македонка избегала во Сирија

Петнаесетгодишно девојче родено во Скопје, кое со родителите пред неколку години се преселило во Лиеж, Белгија, преминало во ислам и додека било на одмор во родниот град скришно заминало во Сирија, дознава „Дневник“.

Во Министерството за внатрешни работи за Дневник потврдуваат дека девојчето е пријавено како исчезнато, но не даваат повеќе детали за случајот, ниту за нејзиниот идентитет.

– На 15 јули во Скопје е пријавено исчезнување на девојчето. По неа првин беше распишана локална, а потоа и национална објава за потрага по исчезнато лице. Во постојан контакт сме со белгиската полиција и трагаме по девојчето – изјави Иво Kотевски, помошник на министерот за внатрешни работи за односи со јавноста.

-Девојчето, родено во Скопје, со родителите и сестрата живеело во Лиеж. Таа и сестра и речиси секое лето доаѓале во Македонија и распустот го минувале кај баба им. Годинава во Скопје дошле на 30 јуни. Двете девојки патувале сами затоа што македонските закони дозволуваат малолетници постари од 14 години да патуваат без придружба на родител. На 15 јули бабата пријавила дека девојчето исчезнало, пишува весникот.

По извесно време од ненадејното исчезнување девојчето им пратило преку телефон СМС порака на родителите. Во неа навела дека го напуштила христијанството и преминала во ислам, дека е во Сирија и дека е добра. На родителите им потенцирала да не се грижат за неа.