Малолетници со пиштол сакале да ограбат камионџија

Тројца малолетници се обиделе да ограбат камионџија, вчера во тетовското село Мерово, информираше МВР.

Според полицијата, неуспешното разбојништво се случило околу 16 часот. Тогаш тетовецот Д.Ј.(43) управувајќи камион „Мерцедес“ се движел од селото кон регионалниот пат Тетово- Желино.

Во еден момент три непознати лица му го препречиле патот. Камионџијата застанал со возилото, по што едно од лицата му вперилo пиштол. Тетовецот веднаш го стартувал возило и го напуштил местото, по што го пријавил случајот во полиција.

По преземените мерки и активности констатирано е дека сторители се А.Д.(18) и уште две лица на возраст од 16 години сите од село Ново Село, тетовско. При преглед на едно од лицата пронајден е гасен пиштол. Две од лицата се приведени. Се преземаат мерки за целосно документирање на случајот по што ќе бидат поденесени соодветни пријави.