Балкан

Малолетник уапсен поради навреда на Ердоган

Малолетник уапсен поради навреда на Ердоган

Шестнаесетгодишно момче е уапсено од страна на турската полицијата поради навреда на претседателот на земјата, Реџеп Таип Ердоган.

Средношколецот бил уапсен во градот Коња бидејќи зборувал на собир организиран во знак на сеќавање на млад наставник кого исламистите го убиле во далечната 1930 година.

Градот Коња важи за силно упориште на Партијата на правдата и развојот на Ердоган.

Весникот „Хуриет“ пренесува дека уапсеното момче е член на една левичарска организација.

Доколку биде прогласен за виновен турскиот тинејџер се соочува со казна до четири години затвор, потсетуваат француските медиуми.

Турската Влада, со Ердоган на нејзино чело, во  2013 година се соочи со бран масовни протести на незадоволните граѓани.