Малолетник за 25 000 долари планирал напади за ИД

Малолетниот приврзаник на Исламска држава кој имал намера да постави експлозив на железничката станица во Виена, признал дека бил врбуван преку интернет.

Според австриските медиуми 14-годишникот, од турско потекло, не негира дека планирал бомбашки напад и дека бил врбуван за таа цел.

Виенскиот дневник „Кронен цајтунг“ врз основа на инсајдерски информации, пишува дека на момчето преку интернет му се ветени 25.000 долари за терористички напад, како и дека ќе добие специјална позиција во ИД.

За време на сослушувањето тој кажал дека сака во џихад, во Сирија, како и дека преку интернет собирал информации за производство на бомби, кои планирал да го постави на јавни места, како што е виенската западна железничка станица.

– Тој планирал да постави експлозив на јавно место, изјави Михаела Обенаус, портпарол на надлежниот обвинител во Санкт Пелтен, додавајќи дека сакал да замине за Сирија да се приклучи на ИД.