ТОП,Македонија

МАН: Ако се менува Законот потребно е европско решение

МАН: Ако се менува Законот потребно е европско решение

Имаме солиден Закон за медиуми и Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Доколку се одлучи да се оди на решение за промена на законот за медиуми, треба да биде некое европско решение, а не да се нудат хибридни решенија. Потребен е и еден изборен кодекс за сите учесници на изборите.

Ова е ставот на Македонска асоцијација за медиуми изнесен по средбата со премиерот задолжен за спроведување на изборите Емил Димитриев и со претставници на Владата кои се вклучени во делот на медиумските реформи.

– Политичките партии бидејќи имаат консултации во делот на она што подразбира медиумска реформа, ние сметаме дека треба доколку веќе се одлучи да се оди на решение за промена на законот, дека треба да биде некое европско решение, а не да се нудат хибридни решенија. Ставот на МАН е дека имаме солиден Закон за медиуми и Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги кои пред две три години добија зелено светло од ЕУ, рече Слаѓана Димишкова претставник на МАН.

На средбата која ја оцени како конструктивна, таа рече дека станало збор и за потребата во овој период пред спроведување на изборите закажани на 24 април да се оди со еден изборен кодекс, односно кодекс за однесување за време на изборите на сите учесници, не само за медиумите, туку сите кои ќе учествуваат во изборите.

Запрашана како ги коментира предлозите на Ванхауте, Димишкова посочи дека предлозите на Ванхауте и на СДСМ се идентични и за МАН се неприфатливи.

– Нашиот став е јасен, предлозите на Ванхауте и на СДСМ се идентични за нас. Тоа што имаат мали финеси во формулациите не значи ништо и нашиот став е јасен дека предлогот на Ванхауте не го поддржуваме затоа што со неговиот предлог се одобрува политиката на СДСМ односно се бара измена на закони со цел интереси само на една политичка партија што сметаме дека е недозволиво, вели Димишкова..

Во однос на спорното владино рекламирање, таа рече дека тоа не било тема на разговор, бидејќи е ставено вон сила уште пред неколку месеци.

Во Владата денеска премиерот за спроведување на изборите Димитриев ќе има средби и со ЗНМ и ММИ.