МАН: Jавното објавување туѓи приватни телефонски разговори без потврда за автентичност е кривично дело

Македонската асоцијација на новинари смета дека јавното објавување туѓи приватни телефонски разговори без потврда за автентичност и согласност на учесниците посочени во разговорот е кривично дело, како и масовно кршење на човековите права. Објавените разговори од страна на СДСМ се употребуваат за партиски потреби, се вели во писмената реакција на МАН.

„Помалата новинарска асоцијација ЗНМ, повторно се става во функција на СДСМ како логистика за нивни партиски акции. Тие протестираат затоа што се прислушкувани новинари кои СДСМ ги посочи и етикетира како опозициски, со што новинарите од тој список ги стави, исто така, во своја функција. ЗНМ молчеше кога СДСМ и Заев објавуваат непотврдени разговори на други новинари кои, според СДСМ не се блиски на опозицијата, а реагира на најава на разговори блиски до СДСМ кои не се објавуваат јавно, за разлика од другите новинари. И овојпат ЗНМ се става во функција на партиска политика, што за јавноста не е ништо ново. По информациите кои Владата вчера ги даде до јавноста, постојат докази за прислушкување од страна на нарачател, надвор од волјата и ингеренциите на македонските државни органи, за што постојат и признанија на учесниците. Во најмала рака, срамно е и во ваква состојба ЗНМ да соработува со една партија а на штета на целата јавност, а во полза на организаторите на незаконското прислушкување по порачка. Но, кога е ЗНМ во прашање, срамниот и јавниот интерес не се нивна грижа и тема“, се вели во реакцијата од МАН.