МАН: Ставот на ОБСЕ да селектира новинари според свој вкус е дискриминирачки

По повод соопштението на канцеларијата на ОБСЕ во Скопје, во кое што се вели дека организација ќе ги прекине контактите со медиуми кои му даваат простор за изјави на новинарот Миленко Неделковски, реагираше новинарското здружение МАН според  кое ваквата одлука претставува притисок и дискриминација врз медиумите и новинарите

„Се согласуваме со ОБСЕ дека наведената изјава на новинарот Миленко Неделковскидадена од Кавадарци за Телевизија „Сител“, во еден дел во кој се спомнува потреба со бетон да се полијат неистомислениците е спорна, непотребна  и може да доведе до страв или загриженост кај одредена категорија на луѓе и  затоа такви метафори треба во иднина да се одбегнуваат, особено во јавните настапи на сите  јавни личности. Најпосле, и уредникот на ТВ Дневникот во кој e емитувана изјавата, Валентин  Николовски, веднаш се огради и извини до гледачите на кои таа содржина можеби не им се  допаднала. Но, дали е тоа говор на омраза може да цени и оцени само надлежен суд. Го повикуваме ОБСЕ, како институција во рамките на европски стандарди и принципи, да ја  повлече својата најава за селекција на медиуми во Македонија направена според нивни вкус, затоа што таквиот однос е притисок и дискриминација врз медиумите и новинарите во нив, а  тоа е сосема спротивно на европските стандарди и принципи.   Ако ОБСЕ има за цел нивната работа да биде достапна до севкупната македонска јавност, и  сите новинари да имаат рамноправен пристап до информации од ОБСЕ, ваквата  дискриминација на подобни и неподбни медиуми секако ја оневозможува таа рамноправност. Во спротивно, ова може да стане пракса на ОБСЕ во Македонија и во иднина да врши поделба  на подобни и неподобни граѓани, на подобни и неподобни етнички заедници и слично. Го повикуваме ОБСЕ да има ист принцип и критериум и кога медиуми блиски до СДСМ и  фондацијата на Сорос во Македонија повикуваат на линч на новинари, политичари или актери  кои имаат став и мислење спротивно на интересите на таа партија и фондација. За овој инцидент Македонската асоцијација на новинари ќе го извести и претседавачот на  ОБСЕ Ивица Дачиќ, а МАН очекува ОБСЕ да закаже средба со претставници на Македонскта  асоцијација на новинари на која би ни се презентирале мотивите за овие истапи на ОБСЕ кои  директно влијаат на правата и интерсите на новинари, членови на МАН“, пишува во реакцијата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.