Манчестер Јунајтед подолго време без Погба

Еден од најскапите фудбалери на светот, францускиот репрезентативец Пол Погба, ќе отсуствува од терените „неколку седмици“ поради повредата со којашто се здоби против Базел, изјави менџерот на „црвените ѓаволи“ Жозе Мурињо.

Во вторникот во првото коло од Групата А од Лигата на шампионите Манчестер Јунајтед на својот „Олд Трафорд“ со 3:0 го совлада швајцарскиот претставник Базел.

Играчот од средниот ред Пол Погба во домашниот тим мораше да биде заменет уште во 18 минута.

„Од искуство знам дека играчи поради повреда на мускул мора да паузираат неколку седмици“, изјави за новинарите Мурињо.

Манчестер Јунајтед следниот натпревар го игра во недела кога во рамките на 4-то коло од англиската Премиер лига пред своите навивачи ќе го пречека Евертон, кој го предводи повратникот во клубот инаку довчерашен голгетер на „црвените ѓаволи“ Вејн Руни.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.