Манчестер подобар во дербито со Челзи

Во дербито до 28-то коло од англиската Премиер лига, Манчестер Јунајтед на домашен терен го совлада Челзи со 2:1, и се врати на второто место од првенствената табела.

Челзи поведе во 32 минута со голот на Вилијан, но веќе во 39 минута израмни Ромелу Лукаку. Победата на „црвените ѓаволи“ им ја донесе играчот од клупата Џес Лингард кој погоди во 72 минута за целосен пресврт.

Претходно во неделата Тотенхем на гости го победи Кристал Палас со 1:0. Победничкиот погодок го постигна најдобриот стрелец сезонава Хари Кејн во 88 минута, по корнерот што го изведе Кристијан Ериксен.

Манчестер Јунајтед со 59 бодови се врати на втората позиција зад Манчестер Сити кој има 72 бода а својот меч од 28-то коло ќе го игра во четврток кога му гостува на Арсенал. Ливерпул сега е трет со 57 бодови, два повеќе од четвртиот Тотенхем, додека Челзи падна на петтата позиција со 53 бодови. Кристал Палас, пак, е на 17-то место со 27 бодови, на работ од зоната на испаѓање.