Манчестер Сити го постави англискиот рекорд

Со победата над Свонси Сити од 4:0, фудбалерите на Манчестер Сити ја постигнаа 15-та последователна лигашка победа што досега не му успеало на ниеден клуб во 129 години долгата историја на елитното англиско натпреварување.

Со овој резултат „Граѓаните“ го прескокнаа Арсенал кој во 2002 година нанижа 14 победи.

„Во англиската фудбалска историја имало низа фантастични екипи, како што биле Ливерпул, Манчестер Јунајтед, Челзи. Меѓутоа, ние сме првите коишто нанижавме 15 победи. Остваривме фантастичен успех. Не беше лесно да се дојде до 15 победи во толку силна конкуренција“, изјави тренерот на Манчестер Сити, или менаџерот како што на Островот се именува неговата позиција, Пеп Гвардиола.

„Секако дека сум горд. Нема поубав подарок отколку кога екипата победува, а гледачите уживаат“, додава Каталонецот.

Сити го отвори првенството со гостинската победа над Брајтон од 2:0, а потоа на домашен терен одигра 1:1 со Евертон. Меѓутоа, потоа проработи „машинеријата“ на Гвардиола и во следните 15 кола Манчестер Сити постигна исто толку победи. Со ред беа поразувани Борнмут (2:1), Ливерпул (5:0), Вотфорд (6:0), Кристал Палас (5:0), Челзи (1:0), Стоук Сити (7:2), Барнли (3:0), ВБА (3:2), Арсенал (3:1), Лестер Сити 2:0, Хадерсфелд Таун (2:1), Саутемптон (2:1), Вест Хем (2:1), Манчестер Јунајтед (2:1) и Свонси Сити (4:0).

„Сакам да им се заблагодарам на играчите. Играа блескаво. Во ситуација кога не ја поседувавме топката јуревме по теренот како животни. На ова ниво од натпреварувањето тоа е одлично. Тоа знали дека сме силни во главата“, додава Гвардиола.

По 17 кола Манчестер Сити има 16 победи и едно реми со фантастична гол-разлика 52:11. Второпласираниот Манчестер Јунајтед има 11 бодови помалку, а актуелниот шампион Челзи е на третата позиција со 14 бодови заостанување.

„Овој рекорд сигурно некој ќе го надмине, можеби и ние уше во следното коло. Меѓутоа, никому нема да му боде лесно да наниже толку победи“, додава Гвардиола.

Сити ќе има шанса да го продолжи рекордот веќе во сабота кога на својот терен го пречекува Тотенхем.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.