Манчевски: Не се доволни субвенциите на Градот за печки на пелети

За советниците од СДСМ субвенциите на Град Скопје наменети за купување на печки на пелети се симболични и со нив не може да се намали загадувањето, бидејќи оваа мерка можат да ја искористат само 200 до 100.000 семејства во градот кои не се приклучени на централното греење.

– На денешната седница ќе ја гласаме за, субвенциите наменети за купување на печки за пелети. Но, тоа не е доволно, тоа е симболична мерка, затоа што во градот Скопје околу 100.000 семејства не се приклучени на системот за централното греење. Со ова мерката само околу 200 семејства ќе можат да ги искористат поволностите и да добијат субвенција за печки за пелети, рече советникот во Град Скопје Дамјан Манчевски од СДСМ на денешната прес-конференција.

Тој посочи дека градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски ќе требаше да оддели поголема сума на пари за субвенции доколку  искрено сакаше да им помогне на скопјани.

– Но, тој ниту сака, ниту може да им помогне на скопјани, и затоа треба веднаш да си оди, со што најмногу ќе придонесе за намалување на загаденоста во градот. Единствено стратешко решение за проблемот со загадениот воздух во Скопје е гасификација на градот. Веднаш по промената на власта, на 11 декември, ќе започнеме да работиме на гасификацијата на цело Скопје. Дополнително со мерки за субвенционирање на фотоволтаични системи, со јавен превоз на електричен погон, и со подземна сообраќајница, значително ќе влијаеме за намалување на загаденоста на воздухот, рече Манчевски.