Манчевски: Нема да има отпуштања во администрацијата, вработувања според потребите

 

Нема да има отпуштања во јавната администрација, а вработувања ќе има согласно потребите, изјави министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, кој во вторникот приустуваше на промоцијата на проектот „Една точка на услуги“ на кој присуствуваше и постојаниот координатор на ОН и претсваник на УНДП во Македонија, Луиза Витон.

Одговарајќи на новинарско прашање, Манчевски рече дека веќе има природен одлив од администрацијата, односно намален е бројот на вработени, а точниот број ќе се знае во март кога министерството законски треба да даде извештај за вкупниот број вработени во претходната година.

Анализите, како што посочи министерот, ќе ја дадат вистинската слика за состојбите во администрацијата.

„Немаме инженери, градежни инженери, немаме архитекти, доволен број правници. Немаме доволен број висококвалификувани луѓе за да ги преземат раководните места во администрацијата“, истакна Манчевски додавајќи дека вработувањата ќе бидат според потребите, а самиот процес на вработување ќе биде транспарентен.

Посочи дека во тој контекст, како министерство, треба да го имплементираат Централниот електронски регистер на населението, но за тоа, како што рече, во овој момент немаат капацитет и ќе мора под итно во првите шест месеци од следната година да се вработат електроинженери.

Коментирајќи го огласот за вработување на службеници во Собранието на Република Македонија каде е наведена националноста, Манчевски оцени дека огласот е дискриминаторски, но, како што рече, ќе се обидат да најдат начини да се исправат грешките.

„Веќе имаме доставено предлог-амандмани за Законот за државни службеници што се наоѓа во Собранието. Наш став е дека Законот има поголем број аномалии, но сите заедно треба да разговараме кои се промените што треба да се случат. Факт е дека Законот не е идеален и не може да ги реши сите проблеми со кои се соочуваат граѓаните. Има вакви ситуации и ќе се обидеме да најдеме начини да ги исправиме грешките“, рече Манчевски одговарајќи на новинарско прашање.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.