Манчевски побара од Жерновски мораториум за градење во Дебар Маало и во Градски парк

Жителите на Општина Центар го обновија барањето до градоначалникот Андреј Жерновски за мораториум за градење во Дебар Маало и во Градски парк.  Тие барањето му го испратија на веб-платформата „Идеи за Центар“.

Идејата со наслов „Здравјето пред профитот“ на веб-платформата ја постави режисерот Милчо Манчевски.

„Предлагам Општина Центар да ги искористи сите законски и практични можности да прогласи мораториум на градење во Дебар Маало и Градски парк сѐ додека не се изработат и прифатат издржани научни студии за загаденост, густина на населеност и издржани сообраќајни решенија во Дебар Маало и Градски парк. На овој начин, Општината би требало да го запре влошувањето на квалитетот на живот и степенот на загаденост. Доколку постои волја, за ова постојат практични можности. Неразумно е профитот да биде поважен од здравјето“, напиша Манчевски.