Манчевски бил главен за тендерот од Куманово

Потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски го потпишал договорот што јавното претпријатие „Куманово – паркинг“ и скопската фирма „Метропаркингплус“, вели директорот на Центарот за комуникации на ВМРО ДПМНЕ, Илија Димовски.

„Еве го договорот што скопската Метропаркингплус го потпишува со општинското јавно претпријатие Куманово – Паркинг. На него стои потписот од Дамјан Манчевски, поранешен шеф на кабинет на Радмила Шекеринска, а сегашен Потпретседател на СДСМ. Значи ова е утврдено. Нема бегање. Манчевски учествувал во оваа набавка. Второ. Еве го известувањето од склучениот договор за јавна набавка, објавено од Бирото за јавни набавки, каде јасно стои дека вредноста на овој договор е 22.892.000 денари, со вклучен ДДВ. И ова е јасно. Ова е валиден државен документ“, вели Димовски.

1925353_10203368115947331_1461138901_n

Димовски вели дека фирмата воопшто и не ги исполнувала условите од тендерот  кои предвидувале обрт од најмалку 15 милиони денари годишно во последните три години, да врши или да вршел услуги на паркинг за зонско паркирање во најмалку пет града.

„Ако фирмата Метропаркингплус ДОО Скопје учествувала сама во оваа набавка или пак со фирмата Т – Тим Плус ДОО Скопје, како што и го имаат потпишано договорот од 28.02.2011 година, никогаш немало да се квалификуваат, а не па да работат по овој тендер. Што направиле? Доставиле понуда во која носител е фирмата Метропаркинг ДОО Белград, а во понудата фигурираат уште шест други фирми, со цел да ги исполнат критериумите на огласот. Во таа групна понуда фирмата Метропаркингплус е квалификувана како преставништво кое, потенцирам, ќе биде инволвирано во дневните оперативни работи на системот“, вели Димовски.

Во понудата има овластување од сите седум фирми токму за Дамјан Манчевски дека е тој ќе ги извршува сите деловни активности.

„Дали поставените критериуми во Куманово, посебно во делот дека фирма која може да конкурира мора да има вршено или да врши услуги на паркинг за зонско паркирање во најмалку 5 града, има заднина? Посебно знаејќи го фактот дека тешко може да се најдат такви фирми во Македонија. Дали целата група на фирми е составена само за да се задоволат критериумите на повикот, а на крај сепак набавката да ја врши и извршува фирмата Метропаркингплус ДОО Скопје, која никако не би можела да се квалификува на оваа набавка? Зошто во изјавата на понудувачот дека настапува во група на понудувачи не стои она што подоцна го прават, дека сите активности ќе ги превзема скопската Метропаркингплус?“, прашува Димовски.

Димовски упати прашање и до Дамјановски поради кои причини биле променети условите на тендерот.