Мандатите на опозиционерите ќе се разгледуваат на седница во ноември

Процедурата за одземање на мандатите на пратениците од СДСМ Собранието ќе почне околу 10 ноември кога истекува уставниот рок за неоправдано отсуство на народните избраници. Мандатите на опозиционерите ќе се најдат на дневен ред на собраниска седница во ноември, објави „Дневник“.

Според извори на весникот, Вељаноски на седницата да ја задолжи Kомисијата за мандатно-имунитетски прашања да расправа за мандатите на опозициските пратеници. Закажувањето на седницата за одземање на мандатите не ја исклучува и варијантата за ново продолжение на седницата за верификација на оставките на пратениците на СДСМ и отворање можност за трета опција, односно повторно да се игра на статус кво, анализира „Дневник“.

Според Уставот, Законот за Собранието и собранискиот Деловник, на пратеникот може да му биде одземен мандатот за неоправдано отсуство од Собранието повеќе од шест месеци. Одземањето на мандатот го утврдува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Рокот од уставните шест месеци за неоправдано отсуство истекува околу 10 ноември. Постапката за одземање на мандатите предвидува генералниот секретар на Собранието да го извести Вељаноски кои пратеници половина година неоправдано отсуствувале. Претседателот на Собранието ова го доставува до Kомисијата за деловнички и мандатно-имунитетски прашања, која носи препорака дали да им се одземат мандатите или не. Потоа на пленарна седница пратениците со двотретинско мнозинство ја утврдува или отфрла одлуката на Kомисијата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.