Мандатот треба да остане кај победникот- сите останати толкувања на Уставот се субјективни

Рокот за доставување персонален состав и програма на новата Влада согласно Уставот и Деловникот на Собранието на РМ истеча на полноќ, до кога и Демократската унија за интеграција требаше да донесе конечна одлука дали ќе коалицира со мандаторот Никола Груевски. Ако се постигнеше договор, предлогот за состав на влада заедно со програмата, мандатарот требаше да го достави до Собранието, по што требаше да се закаже седница на која би бил избран претседател на Собранието, предлог на ДУИ, па тој да закаже нова седница на која ќе треба да се избере новата македонска влада. Експертите по уставно потенцираат, бидејќи Никола Груевски не договори парламентарно мнозинство, согласно членот 90 од Уставот мандатот и натаму да останува кај победничката партија.

Сите останати толкувања на уставот, според познавачите, односно дека мандатот треба да го добие Зоран Заев, од СДСМ како втора партија која освои најмногу гласови на изборите, се само лични видувања на поединци, кои се спротивни на уставната норма.

Сите толкувања и субјективни видувања кои изминатите недели ги слушаме по медиумите како треба да постапи претседателот Иванов во случај Никола Груевски да не успее да состави Влада, и дека наводно мандатот треба да се даде на второпласираната партија согласно практиката од 1992 година, треба да се гледаат како лични видувања на поединци, кои се спротивни на тоа што пишува во уставната норма. Секое друго толкување, растегнување на уставната норма согласно одредени политички интереси би било спротивно на Уставот, односно повторување на противуставната пракса што се случи во 1992 година кога тогашниот претседател Киро Глигоров му го додели мандатот на Бранко Црвенковски односно на второпласираната партија во Собранието. Во случај ако ни се повтори противуставноста од 1992 година, тогаш ќе мора да се активира Уставниот суд на РМ со обврска да ја поништи противуставната одлука за давање мандат на некоја друга партија, односно да ја поништи постапката за избор на влада која би се засновала на противуставна одлука за назначување на мандатар, смета универзитетската професорката Тања Каракамишева Јовановска.

Споредбите со уставните постапки во другите земји не можат да се применат во нашиот случај, смета Каракамишева, бидејќи како што вели, во македонскиот Устав не е разработено што доколку првиот мандатар не успее да состави Влада.

Секое споредување на нашиот случај со тоа какви се уставните постапки во другите земји не може да се смета за релевантна околност која треба да се примени во нашиот случај, бидејќи да напоменам дека уставите на Хрватска, Словенија, Бугарија, Косово, Естонија, Латвија итн се многу прецизни и во детали ја разработуваат постапката што ако првиот мандатар не успее да состави Влада и како натаму. Во нашиот Устав, за жал, нема доразработено што натаму, значи многу работи не се уставно уредени поради што има простор за разно-разни шпекулации и субјективни размислувања што во таков случај и како натаму. Со оглед дека Уставот не смее да се толкува, туку треба да се применува напишаното, во случај ако мандатарот не успее да состави влада, согласно член 90 од Уставот, и натаму мандатарот треба да доаѓа од партијата што има мнозинство пратеници во Собранието, односно од ВМРО-ДПМНЕ , додава универзитетската професорка.

Дел од познавачите на политичките прилики не ја отфрлаат можноста дека по неуспехот на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ да се договорат и да формираат нов владин состав, напролет или наесен да се организираат нови парламентарни избори во земјава.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.