Маневски: Генерален реизбор на судиите не може да се изврши по никаков основ

Маневски

Во изјавата за „Дневник“ тој реагира на најавите од СДСМ дека набрзо ќе биде извршен генерален реизбор на сите судии во земјава при што веќе се навестува дека дел од судиите ќе бидат отстранети од судството. Тој потенцира дека судиите и судството во целина подолго време се изложени на жестоки закани и притисоци кои доаѓаат од оваа партија, наводни невладини организации, од некои медиуми и портали, од наводни експерти и аналитичари…

Ни европските закони не знаат за генерален реизбор

– Се изразува грубо непочитување и навреда на судот во судница и надвор од судница. Се манипулира со одржување на судски рочишта и се измислуваат разни причини за нивно одложување и по десетина пати и тоа токму од тие кои повикуваат на генерален реизбор на судиите. Целта е јасна, да се избегнува одговорноста. Специјалните обвинителки пред неколку дена не го почитуваа и го навредија судот во судницата на ОС Скопје 1 и заминаа насмеани како победнички. Нека го прашаат господинот Џес Бејли, како ќе поминеа ако така се однесуваа во некоја американска судница. Таму за непочитување и навреда на судот директно од судницата се оди во затвор најмалку 30 дена. Ако тие не го почитуваат судот, како очекуваат тие да бидат почитувани? – прашува Маневски.

Тој потсетува дека секогаш кога СДСМ е на власт или се стреми да ја врши власта, првата работа со која се зафаќа е генерален реизбор на судиите.

– Судиите многу му сметаат и сака веднаш да расчисти со нив. Пред неколку дена во дебатна емисија еден од нивните главни идеолози изјави дека нема што да се чека и веднаш треба да се разрешат, како што тој ги нарекува, „сваровски“ судиите и итно да се разреши Судскиот совет на РМ! Тоа го кажа со леснотија, ама не кажа како тоа може да се направи и по кој Устав и закон. Од него тоа и не може да се очекува, бидејќи него не го интересираат ниту Уставот ниту законите. С` уште се задушува од песокот што го собираше како тогашен министер за внатрешни работи да го открие атентаторот на Претседателот во 1995 година, но не успеа – нагласува Маневски за Дневник.

Според него, никој не треба да има илузија дека може да изврши генерален реизбор на судии. Но, на судиите не им е ни малку пријатно секојдневно да слушаат дека некој им готви „свилен гајтан“.

– Според членот 38 од Законот за судовите од 2005 година, судиите се избираат без ограничување на траење на мандатот. Според новиот Закон за судовите, судиите и претседателите на судовите ги избира и разрешува Судскиот совет на РМ, под услови и во постапка утврдени со закон. Собранието на РМ нема надлежност во врска со изборот и разрешувањето на судиите повеќе од 12 години – порачува поранешниот министер за правда.

Тој појаснува дека во амандманот 26 на Уставот, точно се определени условите за престанување на судската функција и за разрешување на судијата. Судијата се разрешува поради потешка дисциплинска повреда што го прави недостоен за вршење на судиската функција пропишана со закон и поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција под услови утврдени со закон.

– Никаде во наведениот амандман на Уставот, во Законот за судовите и во Законот за судскиот совет на РМ не се предвидува генерално разрешување или генерален реизбор на судиите. Генерален реизбор на судии не познава ниту едно законодавство во Европа. Недозволиво и срамно е во ова време една партија да се заканува со генерален реизбор. Една соседна држава, пред неколку години изврши генерален реизбор на судиите, но судиите што не беа реизбрани покренаа постапка и со пресуда на Европскиот суд за човекови права се вратени на своите работните места. Гаранциите за избор и разрешување на судиите предвидени во Уставот и Законот за судовите се во функција на јакнење на независноста и самостојноста во вршење на судската власт и брана од вакви непромислени барања. Тоа се нормативи и стандарди на ЕУ што Република Македонија ги вгради во своето законодавство – тврди Маневски.

Одговорност само во поединечни случаи

Според него, само во поединечни случаи, судија може да биде повикан на дисциплинска одговорност по спроведена постапка од надлежен орган за сторена потешка дисциплинска повреда или поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција. Други услови за разрешување на судија нема ниту во Уставот ниту во кој било друг закон.

– Дисциплинската постапка се поведуваше по барање на член на Судскиот совет, претседател на суд или на општата седница на Врховниот суд. Судскиот совет имаше надлежност да спроведува постапката преку комисија составена од членови на Советот и одлучуваше по предлогот на комисијата. Таква надлежност Судскиот совет сега нема – потсетува Маневски и додава дека на 11 февруари 2015 година се донесе нов Закон за Советот за утврдување на фактите и покренување на постапка за утврдување одговорност на судија. Советот за утврдување на фактите е самостоен и независен орган составен од 9 члена избрани од судиите на тајни избори од редот на пензионирани судии, јавни обвинители, универзитетски професори на Правен факултет и пензиониран адвокат, сите со по најмалку 15 години стаж во струката

Маневски укажува дека целта на заканувачите е да срушат еден дел од власта, а тоа е судската власт?

– Дали се свесни што значи сето тоа? Ако имаат таква сила да обезбедат двотретинско мнозинство, можат да ги укинат амандманите на Уставот за судството и да донесат нов Закон за судовите. Во таков случај, во тој закон можат да предвидат генерален реизбор на судиите, како што направија во 1996 година.

ВО 1996 ГОДИНА НА 60 СУДИИ ИМ СЕ ПРЕСУДИ ЗА ДЕСЕТ СЕКУНДИ

Маневски потсетува на генерален реизбор на судиите што беше извршен од Собранието на РМ на 27. 6.1996 година.

– На таа седница не беа избрани над 60 судии од основните судови, без никакво образложение. Собранието, целосно контролирано од пратеници на СДСМ и без опозиција, на секој судија што не беше избран му пресуди за помалку од 10 секунди, без збор и без аргументи. Беше сосема јасно дека не беа избрани од политички, а не од стручни причини. Само за потсетување, во тоа време Собранието ги избираше и разрешуваше судиите. Но, со уставните амандмани во делот на судството и донесените нови закони од оваа област, состојбите битно се изменија – вели тој.