Интервјуа

Маневски: Противуставна и противзаконита одлука на Апелациониот суд Скопје

Маневски: Противуставна и противзаконита одлука на Апелациониот суд Скопје

Апелационен суд минатата седмица го укина решението на Основниот суд во Скопје 1 со кое следејќи ги законските одредби беше одлучено нелегално стекнатите прислушувани разговори да не бидат доказ во кривична постапка, што предизвика остри реакции од опозициската ВМРО-ДПМНЕ којашто осуди дека станува збор за притисок од страна на власта врз судот, но исто така и од страна на стручната јавност. Со поранешнот министер Михајло Маневски, кој целата своја професионална кариера ја мина во разни правосудни инстанци разговараме за вистинското толкување и можната заднина на ваквата контроверзна судска одлука

 

НП: Како од правен аспект ја коментирате објавената одлука на Апелацискиот суд Скопје во врска со жалбата на СЈО за да може да се користат незаконски снимените материјали во натамошната судска постапка?

M.Маневски: На судот му требаше повеќе од една недела за да го објави решението, откако веќе испрати соопштение до јавноста. „Во врска со соопштението на Апелациониот суд Скопје по повод Решението КЖ-729/17 04.08.2017 година и одлуката по жалбата на Специјалното обвинителство поднесена против Решението на Основниот суд Скопје I К.бр.1904/16 од 16.12.2016 година за издвојување на докази прибавени на незаконит начин, ја известуваме ЈАВНОСТА дека содржината на соопштението на Апелациониот суд не произлегува од изреката и образложението на решението“ (затворен цитат).

Соопштението на судот за донесеното решение е спротивно на изреката и образложението на решението. Сосема невистинито се известува јавноста за содржината на донесеното решение, со што се врши незаконито влијание во јавноста. Тенденциозно и лажно Апелациониот суд ја известува јавноста како да донел решение со кое на незаконито прибавените докази со незаконито прислушкување на телефонските разговори им се дава сила на доказна вредност.

НП: Зошто Апелациониот суд во соопштението не се придржува кон тоа што е содржано во решението и со каква цел тоа се прави?

М.Маневски: Никаде во изреката на Решението на Апелациониот суд не утврдува дека незаконито креирани материјали и незаконски снимени телефонски разговори можат да се користат како доказ во кривичната постапка. Тоа е тотална манипулација и груба невистина.

Апелациониот суд нема овластувања и надлежност да утврдува начелни ставови и мислења. Во случајот се работи за укинато решение кое не е правосилно и по кое Основниот суд Скопје 1 треба повторно да одлучува. На овој начин Апелациониот суд Скопје се стави во позиција на служи на политичките интереси на Владата на Зоран Заев, и на тој начин грубо го крши законот и го урива законскиот и моралниот кредибилитет на судот, бидејки судот донесува правни, а не политички одлуки.

НП: Како вие го толкувате образложението на решението на Апелација?

М.Маневски: Судиите го враќаат предметот на повторно одлучување и ЗКП го толкуваат во насока на тоа дека го регулира начинот на којшто се прибавени доказите, а не и начинот на којшто тие се создадени.

Според член 12 став 2 од Законот за кривичната постапка доказите прибавени на незаконит начин или со кршење на слободите и правата утврдени со Уставот на Република Македонија, законот и меѓународни договори, како и доказите произлезени од нив, не можат да се користат и врз нив не може да се заснова судската одлука.

Овој став, според судот го регулирал начинот на прибавување на доказите, а не начинот на нивното создавање или на нивната содржина, што било правен стандард заради запазување на јавниот интерес. Тоа што го наведува судот е произволно толкување, а не примена на една законска одредба, во која јасно се наведува дека доказите прибавени на незаконит начин не можат да се користат и врз нив не може да се заснова судската одлука.

Произволно и апсурдно е мислењето на Апелациониот суд дека со донесување на Законот за Специјалното јавно обвинителство аудио-записите од телефонските разговори се внесени во правниот поредок на Република Македонија и дека истите стануваат дел од доказниот материјал.

Ова е уникатен случај, груба незаконитост со која се повредуваат елементарните човекови права заштитени со Уставот и со Европската конвенција за човекови права да се смета за составен дел на правниот поредок!!.

Законот за Специјалното јавно обвинителство судот го става над Уставот и над Законот за кривичната постапка. Ова Јавно обивинителство не применува некој посебен закон, туку според членот 1 го применува Законот за кривичната постапка. Никаде во Законот за СЈО не се наведува дека аудио-записите од телефонските разговори се внесени во правниот поредок и дека истите стануваат дел од доказниот материјал.

Апелациониот суд ги повреди и пречекори овластувањата од Законот за судовите и Законот за кривичната постапка. Апелациониот суд ги прекрши своите овластувања и се впушти во политичко, а не правно одлучување. За жал, Судот се стави во служба на политиката, а не правото.

Апелациониот суд сосема неосновано на незаконито прибавени материјали сака на противуставен и противзаконит начин да им даде сила на доказна вредност и да ги смета за составен дел на правниот поредок на Република Македонија.