Маневски: СЈО се користи за политичка пресметка со ВМРО-ДПМНЕ

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) политички се реваншира со функционери од ВМРО-ДПМНЕ, делува необјективно, пристрасно и незаконито, тврди поранешниот министер за правда Михалјо Маневски, кој во саботата вечерта гостуваше во емисијата Отворено студио“ на телевизијата ТВ НОВА, на тема „Обвиненија на СЈО – Политички прогон или фер судски процеси?“

Маневски оцени дека изминатите денови јавноста била сведок на јасен политички реваншизам во врска со поднесените обвиненија одстрана на СЈО против најголемиот број, освен две лица, функционери на ВМРО-ДПМНЕ односно раководството на партијата, поранешни пратеници и министри.

„Од она што беше искажано, очигледно е дека СЈО е политички инструмент во рацете на СДСМ и други наредбодатели. СЈО мисли дека триумфираше со тоа што поднесе толкав број обвиненија и на тоа се должи еуфоријата на ракопескање. Но на што? Тие делуваат необјективно, пристрасно, незаконито, и во ползна на една страна. Многу сознанија говорат дека кривичните постапки не се спроведени согласно Законот за кривична постапка. Покарактеристично е што се предложени околу 47 мерки за претпазливост и околу 18 предлози за притвор, со цел да се задоволат апетитите на налогодавците кои сакаат да урнат една политичка партија со поднесување толкав број обвиненија“, појасни Маневски.

Поранешниот министер за правда е уверен дека зад овие потези на СЈО коишто, како што рече, нема да завршат со успех на долгорочна основа, стои СДСМ која претрпе серија порази на изборите во изминатите повеќе од десет години и според Маневски, ова е единствен начин да се урне најсилната партија во земјата.

„СЈО долго време покажува едностраност. Повеќе им значи што ќе кажат странски амбасадори, отколку што ќе каже јавноста или дали ќе го почитуваат законот“, беше дециден Маневски.