Манифестацијата „Крушево етноград“ по деветти пат

На градскиот плоштад во Крушево со сценско-музичката „Македонска седенка“ во средата вечерта по деветти пат беше отворена манифестацијата „Крушево-етноград“. Крушевчани, облечени како комити, Турци, во градска носија од крајот на XIX и почетокот на XX век до 31 јули, до кога трае манифестацијата, на посетителите ќе им ги претстават културното богатство на градот и начинот на живеење од пред еден век.

При отворањето на манифестацијата, традиционално, поворката од костимирани граѓани го изоде патот низ крушевската чаршија, од Домот на културата „Наум Наумоски Борче“ па до градскиот плоштад.

Претставувајќи ја манифестацијата како традиција да се задржат, но и да се претстават културните и историски вредности, директорот на „Историски музеј Крушево“ Зоран Богески рече дека ова е вредна манифестација која се ближи кон својот прв јубилеј.

„Со оваа манифестација се презетира сé она по што е препознатливо Крушево: преку илинденскиот амбиент се презентираат илинденските вредности, со организирањето и прогласувањето на Крушевската Република, начинот на живеење на крушевската чаршија комуникацијата на населението, обичаите во Крушево од крајот на XIX. и почетокот на XX век. Така, манифестацијата „Крушево етноград“ од секој аспект го опфаќа секојдневното живеење во Илинденскиот период во Крушево и нуди богата туристичка понуда, вели Богески.

Отворајќи ја манифестацијата, крушевскиот градоначалник Ѓорѓи Дамчески рече дека со оваа манифестација Крушево стана препознатливо во земјава и надвор од неа.

„Манифестацијата е замислена како големо сценско случување, со автентична сценографија и со костими, всушност, во Крушево се оживува историската атмосфера од 1903 година. Граѓаните облечени во комити, Турци, војници, чорбаџии, занаетчии, извршувајќи ги секојдневните обврски, ги анимираат туристите и во целост се вклопува во стратегијата за локален економски развој на Крушево, посебно на туризмот. Сакаме да го доловиме духот на едно време, да ги претставиме културата, обичаите, облеката, модата, традицијата се како една збогатена туристичка понуда“, рече Дамчески.

Со отворањето на манифестацијата, синоќа се одржа сценско-музичката вечер насловена „Македонска седенка“ . Настапија актери од Крушево, доловувајќи крушевска софра и како се одржувале седенки пред повеќе од 100 години, а во музичкиот дел од вечерта настапи Сузана Спасовска.

Во рамките на манифестацијата„ Крушево етноград“ во Домот на културата „Наум Наумоски Борче“ е отворен етно-саем на ракотворби. Според Спасика Тасеска, претседател на организацијата „Цвет“ изработката на ракотворби е една од најдолгите традиции и редизајнирани се изработуваат за повеќе земји.

„Ние, повозрасните, сме најупорни во одржувањето на традицијата. Со млади дизајнери, старите модели на ракотворби, модифицирани ги изработуваме за повеќе земји во светот. Моментално работиме за пазарот во Франција“, вели Тасеска.

Етно-саемот ќе биде отворен до 15 август, а манифестацијата „Крушево-етно град“ ќе понуди богата програма до 31 јули кога крушевчани ќе ги пречекаат илинденските коњаници.

Вечер на градскиот плоштад од 20.30 часот, во рамките на манифестацијата, е „Фолклорна квечерина- мераците на крушевската чаршија“. Ќе настапат повеќе културно-уметнички друштва и пејачки групи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.