Манипулација

Полека се доближува денот кога македонските граѓани ќе треба да одлучат како да постапат во однос на прашањето со кое се бара самоукинување на македонската држава и македонскиот народ. Како се доближува тој ден, видливо се интензивира пропагандната кампања која ја тера таборот „ЗА“.

Евидентни се притисоците, заканите и уцените кон администрацијата, теренските посети на нивните тимови на домаќинствата низ нашите градови и села, мизерната понуда од пропаганден материјал што ја носат со себе (а која гледаме дека завршува директно во канти за ѓубре, а многу луѓе одбиваат и да го земат), обидите за замолчување на сите оние слободоумни луѓе кои сакаат да постават прашање на нивните вечерни чајанки (јас би рекол дури и дека тие собиранки личат повеќе на комеморации отколку на информативни трибини, судејќи по изразите на лицата кои се присутни таму), па дури и насилно поттикнување на некои од малкутемина посетители да поставуваат нарачани прашања.

Во овој момент, се чини дека кампањата на терен им доживува тотално фијаско, што е олицетворено во оној патетичен собир во охридкиот амфитеатар, кога два чадори за сонце беа доволни за да се сокрие цел аудиториум кој беше присутен таму. Бламажа од највисок вид. И да не го заборавам и „маршот“ кој го одржаа во Скопје, со сите финти со мафтање знамиња и снимање од разни агли, за да се покрие недостатокот на народ, кој во најмала рака, беше за жалење.

Гледајќи го сето ова од една страна, ова како што реков тотално фијаско, а од друга страна убеденоста на челниците од СДСМ дека референдумот ќе биде успешен, односно резултатот ќе биде во нивна полза, кај мене се јавува една дилема од каде ја црпат таа убеденост, и дали таа се заснова на реалност и рационалност, или само проектираат победнички дух пред јавноста. Нема дилема дека каков и да биде конечниот исход на референдумот, тие ќе го претстават тој резултат како победа. Сепак, не може да се очекува да признаат дека се поразени, бидејќи тоа ќе им го руинира и така очајниот рејтинг. Дали овој победнички дух кој го покажуваат, сепак е резултат на нивната убеденост дека ќе го излажат народот, и дека народот нема да ја забележи манипулацијата која лежи во основата на референдумското прашање? Несомнено, планерите на целава оваа операција „Промена на име“, однапред знаеле дека во фер натпревар, ја губат битката и дека народот никогаш нема да се согласи со промена на уставното име на државата, доколку на таков начин биде формулирано референдумското прашање, како на пример „Дали сте за промена на уставното име?“ или „Дали сте за прифаќање на спогодбата од Нивици со цел промена на уставното име?“.

Знаејќи го таквиот исход, планерите (а гледаме и слушаме дека Владата користи услуги на фирми за стратешка комуникации и најразлични консултанти) смислено вметнуваат манипулација во основата на референдумското прашање, го прават повеќезначно, и дури на крај, како трето потпрашање, го ставаат оној дел кој им е најчувствителен, и кој треба да привлече најмалку внимание кај граѓаните, бидејќи нели е на крај од прашањето, а изјаснувањето за НАТО и ЕУ е на почеток на прашањето, и секој уште тука би бил „купен“ и убеден од предобрата понуда на Владата. Класичен пропагандистички трик, излезен од страниците на Орвеловата „1984“ или од Химлеровото Министерство за пропаганда. Класично понижување на граѓаните, на нивниот интелект, на нивниот здрав разум и на нивните емоции. Но, народот е умен и не е толку кусоглед како што се надеваат планерите на оваа операција, и како што го потценуваат. На 30-ти септември, овие, манипулаториве, очекува непријатно да се изненадат.

Автор: Александар Нацев за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.