МАНУ и Сојузот на борците одбележаа 70 години од Првото заседание на АСНОМ

Македонската академија на науките и уметностите и Сојузот на борците на Македонија попладнево со свечена академија одбележаа седум децении од одржувањето на Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија – АСНОМ и придобивките од тој историски настан.

На собирот во МАНУ на кој присуствуваше државниот врв и началникот на Генералштабот на АРМ, членови на Академијата и преживеани борци од НОВ, претседателот на МАНУ Владо Камбовски рече дека АСНОМ на најблескав начин го изразува континуитетот на Илинденското востание на македонскиот народ и на Крушевската Република од 1903 година и дека ги поставил темелите за подоцнежниот развој на современата македонска држава, што доведе до третиот Илинден – прогласување на самостојноста во 1991 година, известува МИА.

– АСНОМ е најсилен аргумент против старите и, за жал, понекаде и современи негирања на македонскиот национален идентитет… Да се тврди дека нациите и државите настануваат со дела или акти на поединци и тела, а не по силата на народната обичајносна енергија, не значи ништо друго освен барем елементарни познавања на развитокот на човековата цивилизација да се компензираат со екстремни дози на национална, идеолошка или политичка заслепеност или омраза – рече Камбовски.

Нагласи дека во документите произлезени од АСНОМ е содржан силен и слободарски дух и дека тие јасно го определуваат кардиналниот правец на развојот на македонското општество како мултикултурна и мултиконфесионална заедница на која, како што рече, и се туѓи какви било етноцентрични концепти.

– Каде, во нашето поблиско или пошироко соседство е достигнат таков степен на општествена свест и зрелост во решавањето на базичното прашање на уредување на еднаквоста на човековите права и рамноправните односи во мултинационалното општество? – праша Камбовски, кој четвртиот Илинден го гледа во пристапувањето на Македонија во ЕУ и во НАТО.

Претседателот на Градскиот одбор на Сојузот на борците на Македонија Трајко Стаматоски во својот говор „АСНОМ – триумф на вековната борба“ издвои два најважни заклучока од заседанието на 2 август 1944 во Прохор Пчински: слободата извојувана со над 24.000 жртви и прогласувањето на македонскиот јазик за службен во македонската држава. Убеден е, рече, дека нема посветол датум од тој во историјата на македонскиот народ.

– Не се дојде до АСНОМ тукутака, неочекувано. Патот до него го копачеше НОБ енергично, уште од почетокот на Втората светска војна, со првите акции и партизански одреди во 1941, кога кревањето на востанието изгледаше како јуриш на небо, а особено со дејствувањето на првата слободна територија во Дебарца и на Главниот штаб на НОВ како вистинска влада во исклучителни услови. Тоа не можеше да остане незабележано и соодветно вреднувано на Второто заседание на АВНОЈ, кога Македонија и официјално беше прогласена како посебна република во заедничката југословенска држава – истакна Стаматоски, нагласувајќи дека достигнувањата на АСНОМ заслужуваат највисока, а со тоа и достоинствена оцена.

И академик Иван Катарџиев посочи дека 11 октомври 1941 и 2 август 1944 се синтеза на непрекинатото движење за освојување на слободата, почнато во втората половина на 19 век, незгаснато и по Букурешкиот договор 1913 година.

– АСНОМ е почеток на нова епоха и тоа не е историска патетика, тоа е вистинска македонска преродба…. Одржувањето на Првото заседание на АСНОМ е највисок чин во основањето на федералната македонска држава. Со него завршува еден демократски процес евидентен во текот на НОВ. По АСНОМ настапува период на догматски волонтеризам и култ на личноста. Но, тоа не го намалува значењето на АСНОМ во современата македонска историја. Тој АСНОМ и покрај сите обиди да се минимизира, да се негира, да се функционализира, е гранитна карпа што ја обезбедува иднината на македонскиот народ. Тој е извор на демократски идеи и искуства – заклучи Катарџиев.

Според него, единствена можност сегашните и идните генерации да опстанат на овие простори е само ако ги почитуваат демократските придобивки на АСНОМ приспособени на времето во кое живеат.

Претседателот за Оперативниот одбор за АСНОМ Борко Зафировски зборуваше за културата и публицистиката до АСНОМ, а во галеријата на МАНУ беше отворена изложба на документи поврзани со тој историски настан.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.