МАНУ изрази загриженост поради кризната состојба во Македонија

Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) денеска по пат на соопштение изрази крајна загриженост поради продолженото траење и продлабочување на кризната состојба што се заканува да ги оживее сеништата на историските делби од минатото и да ги загрози темелните вредности и интереси на македонското општество.

– Нејзиното надминување е пред се должност и одговорност на политичките и другите фактори кои своите ставови и определби треба да ги артикулираат низ дијалог и во соработка со соодветните европски и меѓунардни институции, стои во соопштението од денешната седница на претседателството на МАНУ.

На таквата согледба, како што се наведува, упатува фактот дека со потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, претпристапното партнерство и отворањето на политичкиот дијалог на високо ниво, Република Македонија е обврзана на континуиран процес на соработка со европските институции за основните прашања на демократскиот развој, парламентарната демократија, владеењето на правото и човековите слободи и права.

МАНУ смета дека на Република Македонија најмногу ќе и се помогне ако Европската комисија и другите европски институции ги забрзаат процесите на нејзините евроатлански интеграции со што поскоро отворање преговори за членство во ЕУ и прием во НАТО.

Академијата ја истакнува потребата за јасна артикулација и посветеност на приоритетните стратешки државни интереси на Република Македонија, како развојна рамка во којашто теснопартиските интереси ќе бидат подредени на државните.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.