Маратон на македонски филмови во Чешка

Од вечер и за време на викендот, чешкиот град Всетин ќе биде центар на македонската култура, каде што во рамки на 8. Филмски маратон ќе бидат прикажани 12 македонски филмови, јави дописникот на МИА од Прага.

– Фестивалот на балканскиот филм во Всетин, за кратко време успеа да изгради позиција на исклучителен културен настан со уникатен придонес за зачувување и развој на културните вредности и традиции кои заедно ги споделуваат Чесите и балканските народи, изјави македонскиот амбасадор во Чешка Паскал Стојчески, кој вечер ќе го отвори филмскиот Фестивал.

Стојчески ја нагласи долгогодишната филмска традиција во Македонија, која датира уште од времето на браќата Манаки, кои во Битола во 1905 година го снимија првиот филм на територијата на поранешната Отоманска империја, изразувајќи надеж дека Македонија во наредните денови преку визуелните сетила ќе биде поблиску претставена до чешките граѓани.

Во рамки на Фестивалот, кој годинава има наслов ,,Виват Македонија” ќе бидат прикажани: драмата ,,Децата на сонцето” на Антонио Митриќески, адаптацијата на театарската претстава на Дејан Дуковски ,,Балканот не е мртов”, ,,Соба со пијано” на Игор Иванов-Изи, ,,Панкот не е мртов” на Владимир Блажевски, ,,Како убив светец” на Теона Сстругар Митевска, како и мозаикот од кратки приказни на 10 режисери од македонската метропола ,,Скопје ремиксд”.

Меѓу филмовите, од кои најголем дел имаат премиера пред чешката публика се и ,,Најдолгиот пат” од 1977 година на доајенот на македонскиот филм Бранко Гапо, ,,Збогум на 20.век” на Дарко Митревски и ,,Преку езерото” на Антонио Митриќески.Како ексклузивитет се најавува ,,Медена ноќ”, најновиот филм на Иво Трајков, македонски режисер, сценарист и професор на ФАМУ кој живее во Чешка и кој со својата сопруга Верица Недеска ќе бидат почесни гости на фестивалот.

Филмот, кој се одвива во Македонија во 90.години на минатиот век, е инспириран од новелата „Уво“ на еден од најдобрите чешки сценаристи, Јан Прохаска. Од Трајков ќе бидат прикажани и филмовите ,,Филм” ,,90 минути – Берлински проект”.