„Марили“ и годинава ќе избере 20 најуспешни жени менаџерки

Агенцијата „Марили“ традиционално и оваа година ќе ги одбере најуспешните жени менаџери од Македонија и дијаспората за 2015. година.

По повод 20 – годишниот јубилеј оваа година ќе бидат прогласени 20 најуспешни менаџерки за изминатата година според веќе востановените критериуми – да доаѓаат од успешни приватни компании, од различни области и дејности и да се почитува нивната согласност да бидат дел од изборот.

Генералниот менаџер на агенцијата „Марили“, Лидија Трипуноска вели дека на ова јубилејно доделување на признанија ќе биде претставено вистинско богатство од успешни жени менаџери.

-По повод 20-годишниот јубилеј во топ 20 се одбрани успешни жени менаџери според веќе востановени критериуми. Од една страна има веќе докажани, а од друга страна млади жени менаџери, како и жени претприемачи, така што оваа година ќе биде претставено вистинско богатство на успешни жени менаџери, вели Трипуноска.

Таа додава дека наградените ќе добијат признанија и статуетки, а по повод 20-годишниот јубилеј ќе бидат врачени статуетки и на уште 25 успешни жени за нивното менаџирање години наназад.

Имено, манифестацијата ќе се одржи во четврток во хотелот „Холидеј ин“, а во музичкиот дел ќе настапат членови на ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“.

Еден ден претходно ќе е одржи и едукативен натан насловен „Здравјето и убавината во функција на современата жена“, каде е предвидено да се одржат предавања од областа на медицината, фармацијата, козметологијата и  бизнис психологијата, а ќе бидат поставени и штандови од овие дејности.

Влезниците ќе бидат бесплатни, а со секоја влезница автоматски посетителите ќе учествуваат во наградна игра која опфаќа 155 вредни награди, меѓу кои накит, козметика и патување во Дубаи.

Целта на изборот за најуспешни жени менаџерки е поддршка и афирмација на жената во бизнисот, на нејзината лидерска позиција во менаџирањето во компаниите, но и во општеството воопшто.