Марин Ле Пен: Ќе сторам се’ за да пропадне Европската унија

Лидерката на француската крајнодесничарска партија Национален фронт, Марин Ле Пен изјави дека ќе стори се’ што е во нејзина моќ за да пропадне Европската унија.

„Како да се подобри Европската унија? Така што ќе и помогнеме да се распадне. Единственото нешто што го очекувам од европскиот систем, е тој да експлодира. Треба да почекаме се’ да пропадне, да помогнеме за тоа, ако е можно, за да го реализираме проектот за Европа на слободните нации, нешто што може да се случи само кога повеќето од сегашните институции на ЕУ ќе исчезнат“, изјавила Марин Ле Пен.

Националниот фронт е меѓу европските крајнодесничарски партии, што добива се’ повеќе следбеници поради растечкото разочарување на граѓаните од неспособноста на Брисел да се справи дефинитивно со долготрајната економска криза на континентот. Според анкетите од последните месеци групата на Ле Пен веќе е прва политичка сила во Франција со 24 отсто од поддршката на гласачите, забележува агенцијата „Франс прес “.

Во есента таа склучи сојуз со холандската антиисламска Партија на слободата на Герт Вилдерс и принципиелен договор со десничарските партии од други пет држави, со цел заедничка стратегија за евроизборите и создавање на евроскептичниот блок во Европскиот парламент по нив.

„Улогата на нас патриотите кои сме избрани во Европскиот парламент е да го блокираме напредокот на ЕУ“, рекла уште Ле Пен.

Нејзините поддржувачи сметаат дека Франција го изгубила својот суверенитет од создавањето на Европската унија и сакаат отстранување на слободно движење и на општите правила наметнати од Брисел врз земјите членки.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.