Марина: Новите промени ќе го зголемат бројот на истражувања на универзитетите

Кај професорите се зголемува поддршката за воведување на државен испит и измените со кои професорите ќе треба да објавуваат научни трудови во реномирани списанија со импакт фактор.

-Со новите промени во високото образование очекувам да се зголеми бројот на истражувачките активности на универзитетите во Република Македонија, а со тоа неминовно ќе дојде и зголемен квалитет на образовниот процес. Најголемата придобивка ќе дојде на долг рок, со тоа што студентите ќе се едуцираат работејќи на дел од овие проекти, а со тоа ќе им се поттикнат иновативните и претприемачките способности, да добијат грантови и да отворат свои компании кои ќе бидат поддржани од разни фондови, меѓу кои и фондот за иновации и претприемништво формиран од Владата, вели ректорот на Универзитетот „Свети Апостол Павле“ од Охрид, Нинослав Марина за Алфа ТВ.

-Импакт фактор е статистички начин со кој се класифицираат научни списанија. Тоа зависи од бројот на просечни цитати за труд, па така научните списанија со висок импакт фактор повеќе се сметаат за влијателни, вели деканот на Универзитетот, професорот Франческо Волпони од Италија за Алфа ТВ.

Досега голем број на професори јавно дадоа поддршка за новите измени во Законот за високо образование. Според нив со измените знчително ќе се зголеми квалитетот на образованието.