Македонија

Марина: За оние кои научиле добро, државниот испит не е никаков проблем

Марина: За оние кои научиле добро, државниот испит не е никаков проблем

Секоја мерка и секоја реформа што ќе го подобрат образовниот порцес и воопшто сите научно-истражувачкиот процеси, јас ги поддржувам. Јас гледам желба и насока во склад со тоа подобрување на образовниот процес и какво било тестирање или испитување, државен испит за тие што научиле добро не би требало да претставува проблем, вели за „Република“ Нинослав Марина, ректор на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св.Апостол Павле“ за идејата за воведувањето на државниот испит и други реформи во високообразовниот процес.

Навраќањето на веќе поминатите испитни прашања, сепак ќе значи потсетување на оние главни точки во образованието во сферата на определбата на студентите, а тоа би ја подобрила перцепцијата за идните дипломирани стручњаци кои натаму би требало да се вработат во домашните или во странските капацитети кои се отвораат, додава Марина.

– Точно, тоа е целта на сите овие реформи, да се зголеми квалитетот на експертите, стручњаците кои дипломираат на нашите факултети и универзитети, да добијат поголемо значење на пазарот на трудот. Не само на домашниот пазар на труд, во странските инвестиции, туку и на глобалниот пазар на труд. Што повеќекратна верификација на тие дипломи значи дека се поконкурентни. Јас дури и сум волен и во склоп на нашиот универзитет да воведам додатни проекти само за да се зголеми квалитетот и на студентите, кои ќе го добијат знаењето, и на професорите, кои би вовеле повисоки стандарди и за пренесување на знаењето и на евалуирање на тоа знаење. Ова треба да е предизвик за професорите, да размислат за подобри и нови начини за пренесување на знаењето, да ги вклучат студентите со литература што е во тек на светско ниво и да размислат како да ги евалуираат за да на крајот да излезат подобри кадри од нашите универзитети, пренесе Република.

Проф. д-р Нинослав Mарина докторирал на Федералната школа за политехника во Лозана, а докторскиот труд го реализирал во партнерство со Истражувачкиот центар на Нокиа во Хелсинки. Во биографијата на Марина е наведено дека работел како визитинг истражувач на Универзитетот на Хаваи во Маноа во 2007 година. Во 2008 и 2009 година, Марина работи како постдокторски истражувач на Универзитетот во Осло. Во периодот од 2010 година до 2012 година, Нинослав Марина е визитинг постдокторски истражувач, соработник на Универзитетот „Принстон“ и сѐ уште ја има споменатата позиција.

– Неодамна го добивме предлог-текстот од МОН и таму прилично коректно е наведено дека тие принципи се воведуваат само за зголемување на квалитетот на образованието, нема да навлегуваат во автономијата на универзитетите и, најважно, решенијата ќе бидат понудени на јавна дебата. Ние ќе се произнесеме околу нив на интеруниверзитетската конференција. Јас сум со став дека државниот испит ќе донесе позитивни промени, додава ректорот Марина, кој досега предавал на дваесет универзитети низ светот, вклучувајќи ги универзитетите во САД, Јапонија, Велика Британија, Израел, Русија, Бразил, Хонг Конг, Норвешка, Финска, Португалија и во Чешка.