Марк Маркез стана најмладиот двоен светски шампион во Кралската класа

Марк Маркез, шпанскиот мотоциклист од тимот на Репсол Хонда стана најмладиот двоен светски шампион во т.н. кралска класа, во која се возат најсилните мотори по кубикажа во Мото гран-при (ГП) серијата. Тој со ова признание се закити со 21 година и 237 дена и со тоа го подобри рекордот на Британецот Мајк Хеилвуд, кој во 1963 година, на возраст од 23 години и 152 дена исто така ја освоил двојната круна во кралската класа.

Со освојувањето на второто место на трката на патеката „Мотеги“ во Јапонија, Маркез на три трки до крајот ја обезбеди втората титула во кариерата, воедно и втора во низа.

До крајот на шампионатот остануваат да се возат трките во Австралија, во Малезија и во Шпанија. Маркез со 312 бода има недостижна предност на табелата од 82 бода пред Валентино Роси и Дани Педроза со по 230 бода.