Маркарт во Велес ќе вработи 600 лица, инвестицијата изнесува 35 милиони евра

Во новата фабрика на групацијата „Маркарт“ во Велес, само во следните неколку недели и месеци, ќе се отворат повеќе од сто работни места, а во следните пет години ќе се вработат над 500 лица. Фабриката на „Маркарт“ во Велес треба да започне со работа во средината на следната година, а инвестицијата ќе изнесува околу 35 милиони евра.

Процесот на вработување веќе започна и во сабота, 4 октомври 2014 година во Велес, ќе се одржи посебен „Ден за вработување“ на кој заинтересираните кандидати ќе можат да добијат повеќе информации за перспективите на германскиот снабдувач на автомобилски делови. Компанијата гледа на својата инвестиција како јасна посветеност на регионот и неговите жители. Фабриката во Велес е 11-тата фабрика во рамки на глобалната групација „Маркарт“.

„Бараме квалификуван и обучен персонал, како и вработени за поедноставни работни места, кои сакаат заедно да го градат и развиваат нашиот објект во технолошки софистициран производствен погон. Убедени сме дека можеме да најдеме вакви луѓе во Македонија и дека заедно со нив можеме да отвориме ново поглавје во успешната приказна на нашата компанија која трае веќе речиси 90 години,“ изјави главниот извршен директор на Маркарт Групација, Харалд Маркарт.

Дел од лицата што ќе бидат регрутирани во фабриката на „Маркарт“ ќе започнат со својот професионален ангажман уште од 1 ноември 2014 година. Потоа ќе следат првите специјализирани обуки за производство, логистика и квалитет за изградба на новиот објект на „Маркарт“.

„Ќе го исполниме нашиот производствен погон од 14.000 квадратни метри со живот.Во наредните години,ќе инвестираме во образованието и перспективите на нашите луѓе и во нашите високо-технолошки производи. Повеќето работни места се директно или индиректно поврзани со производство.Секако, ни треба и компетентен персонал кој ќе може да ги поддржи во административните области. Со задоволство ги очекуваме сите заинтересирани лица кои ќе дојдат и ќе донесат кратки биографии на 4 октомври 2014 година во Велес. Инженери, квалификувани работници, почетници, но и необучени работници или моментално невработени кандидати се добредојдени “ изјави генералниот директор на фабриката на „Маркарт“ во Велес Волфганг

Во фабриката на „Маркарт“ во Велес ќе се произведува за реномирани германски и меѓународни европски автомобилски производители, како што се Mercedes-Benz, BMW, Volkswagen, Audi, како и за Peugeot, Citroen или Renault. Ќе се изградат погони за производство на пластика, електроника и монтажа. Групацијата е пионер во областа на интелигентни системи за кодирано палење и е единствена во моментов што нуди против-провален систем за безбедност, кој веќе се наоѓа во возила како што се Mercedes, BMW, Volkswagen, Audi и Chrysler и други познати брендови. „Маркарт“, исто така се позиционираше на врвот во автомобилската технологија со новиот систем без клуч.

„Како што беше најавено пред неколку месеци Маркарт одлучи да инвестира во Велес во производствен погон. Оваа инвестиција се состои од 35 до 50 милиони евра во наредните пет до 10 години и во прва фаза се планирани нови 600 вработувања.Она што е важно во оваа инвестиција е што производите на Маркарт се од мали до големи делови кои се прилично комплексни и имаат различни фази во производствениот процес што е поневообичаено за досегашните инвестиции.Затоа бараат кадри на луѓе со различни типови на вештини и знаења од електроника, пластика, мехатроника итн,“ изјави министерот за странски инвестиции Веле Самак.

Овој тип на производство бара познавања од кадрите и очекувањата на Маркарт, според министерот Самак, се дека ќе наидат на голем број на кадри и заинтересираност во Македонија и дека сепак ќе вложат големо ниво на тренинг во процесот на обука.

„Затоа овој тип на Саем за вработување и настан кој е прв до сега за странска компанија треба да стане пример за домашни и странски фирми. Тоа е одличен начин фирмите да дојдат и да го запознаат пазрот на труд, кои се знаењата и очекувања и да ги објаснат нивните потреби.Исто така добар е и за голем број на кандидати кои денеска бараат работа и нов предизвик за интересни позиции за да видат како се одвива производството, какво знаење се бара, кое е нивото на тренинг, а и долгорочна кариера што се нуди од ваква компанија,“ додаде Самак.

Маркарт во Велес ќе биде лоциран во индустриската зона Каласлари која се протега на површина од 24 хектари. Градоначалникот Славчо Чадиев изрази задоволство што преку Маркарт во Велес, ќе се приклучат на другите седум илјади вработени што компанијата ги има во другите држави и со тоа да се испрати позитивен импулс до останатите инвеститори.

„Ова е прва инвестиција после 24 години што се гради во толкав обем во нашиот град. Во градот што на времето беше индустриски гигант не само во Македонија туку и бивша ЈУ. Токму затоа по објавувањето на веста дека оваа компанија ќе инвестира во Велес успеавме за неколку месеци да ги продадеме сите парцели во таа индустриска зона,“ изјави Чадиев.

Маркарт Групацијата е водечки светски производител на електромеханички и електронски прекинувачи и прекинувачки системи за возила, електричен алат, домашни апарати и други индустриски апликации. „Маркарт“ е традиционалната германска семејна компанија со седиште во Ритхајм – Ваилхајм во југозападна Германија, а во изминатите неколку години порасна на меѓународно ниво и ја зацврсти улогата на глобален лидер во иновации. Новата фабрика во Велес е дел од континуираната експанзија на „Маркарт“ во глобални рамки.