Маркез се врати на победите во Силверстоун

Марк Маркез се врати на победничкиот пиедестал откако ја доби „битката“ со Хорхе Лоренцо за своја 11. победа оваа сезона на Британското ГП во Силверстоун.

Двајцата Шпанци се одвоија од другите мотоциклисти, и Маркез со својата Хонда дојде во предност откако го претекна Лоренцо (Јамаха) на три круга пред крајот на трката. Зад нив, Валентино Роси ја доби тројната битка со Дани Педроза и Андреа Довициозо за последното место на подиумот.

Лоренцо ја презеде водечката позиција од освојувачот на пол-позицијата Маркез во кривината „Корпс“, по што двојката се одвои од Алекс Еспархаро, Довициозо и Роси. Довициозо и Роси ја искористија својата брзина за да се дистанцираат од Еспархаро, кој беше претекнат и од Педроза.

Довициозо почна да губи време и Роси го помина во петтиот круг, додека Лоренцо и Маркез веќе имаа секунда предност. Во деветтиот круг Роси не можеше да се одбрани ниту од Педроза, но вториот возач на Репсол Хонда не успеа да се одвои и да тргне во потера на водечкото дуо.

Напред, Маркез заостануваше зад Лоренцо во поголемиот дел од трката, но на седум круга пред крајот со подоцно сопирање во Стоув кривината, тој се најде пред ривалот. Маркез се обиде да направи предност, но два круга подоцна направи грешка и повторно возачот на Јамаха беше на првото место.

Пол Еспархаро беше шести за Тех 3 пред Штефан Брадл и Андреа Јаноне, додека Алекс Еспархаро и Скот Рединг го комплетираа топ 10.

Маркез сега има предност од 89 поени пред Педроза пред следната трка од шампионатот, Сан Марино ГП трката во Мизано.

„Искрено, Хорхе беше многу посилен отколку што очекував. Кога го поминав првпат направив грешка и тој веднаш се врати. Меѓутоа, се потсетив што се случи лани кога бев втор зад него во трката и не сакав тоа да се повтори“, вели Маркез.

Лоренцо, кој имаше победи на последните две трки во Британија, вели дека бил изненаден од брзината на неговиот тим.
„Марк ја имаше моќта, но понекогаш има и изненадувања. Кога бев напред возев како демон. Кога повторно ме претекна, бев преуморен да реагирам“, објаснува Лоренцо.

РЕЗУЛТАТИ (БРИТАНСКО ГП)

МОТО ГП

1.Марк Маркез (Шпа) – Репсол Хонда 40:51.835
2.Хорхе Лоренцо (Шпа) – Мовистар Јамаха +0.732
3.Валентино Роси (Ита) – Мовистар Јамаха +8.519
4.Дани Педроза (Шпа) – Репсол Хонда +8.694
5.Андреа Довициозо (Ита) – Дукати Тим +9.238

МОТО2

1.Естеве Рабат (Шпа) – Марк ВДС Калекс 38:29.795
2.Мика Калио (Фин) – Марк ВДС Калекс +0.063
3.Маверик Вињалес (Шпа) – Пагинас Амарилјас Калекс +0.203
4.Јохан Зарко (Фра) – Ер Ејжа Катерхам Зутер +2.774
5.Томас Лути (Шва) – Интерветен Зутер +8.029

МОТО3

1.Алекс Ринс (Шпа) – Естрелја Галисија Хонда 38:11.330
2.Алекс Маркез (Шпа) – Естрелја Галисија Хонда +0.011
3.Енеа Бастијанини (Ита) – Јуниор КТМ +0.072
4.Мигуел Оливеира (Пор) – Махиндра Рејсинг +0.123
5.Јакуб Корнфеил (Чеш) – Калво КТМ` +4.600

ГЕНЕРАЛЕН ПЛАСМАН

МОТО ГП

1.Марк Маркез (Шпа) – Репсол Хонда 288
2.Дани Педроза (Шпа) – Репсол Хонда 199
3.Валентино Роси (Ита) – Мовистар Јамаха 189
4.Хорхе Лоренцо (Шпа) – Мовистар Јамаха 157
5.Андреа Довициозо (Ита) – Дукати Тим 129

МОТО2

1.Естеве Рабат (Шпа) – Марк ВДС Калекс 233
2.Мика Калио (Фин) – Марк ВДС Калекс 216
3.Маверик Вињалес (Шпа) – Пагинас Амарилјас Калекс 166
4.Доминик Егертер (Шва) – Техномаг Зутер 123
5.Симоне Корси (Ита) – НГМ Форвард Калекс 100

МОТО3

1.Џек Милер (Авс) – Ред Бул КТМ 179
2.Алекс Маркез (Шпа) – Естрелја Галисија Хонда 166
3.Алекс Ринс (Шпа) – Естрелја Галисија Хонда 150
4.Ефрен Васкез (Шпа) – Саксо Принт Хонда 145
5.Романо Фенати (Ита) – Скај Рејсинг КТМ 135

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.