Марковски: Терористите во Куманово не ја постигнаа целта

– Целта на кумановската група била да ја загрози безбедноста на институциите и да го заплаши населението, влевајќи му страв и несигурност, но не успеа да ја постигне целта – вели вое­ниот аналитичар Благоја Марковски во изјава за Нова Македонија.

Според неговите кажувања, кумановската група е класичен пример на урбана терористичка формација, со строга хиерархија, која имала поддршка од локални јатаци, а не од локалното население. Ова го констатира водејќи се од фактот на презентираните снимки од теренот каде што се водеше акцијата за неутрализирање на терористите. Марковски смета дека безбедносните сили и нивната тактичка поставеност дале можност терористите да се одржат толку часови пред да биде разбиена, оти пред почетокот на акцијата не презеле доволно мерки за евакуација на населението и концентрирање на воената акција во многу потесен урбан периметар.

– Жестокиот отпор на групата се должи и на тоа што терористите биле добро вооружени, но пресудно било користењето на оружјето, оти станува збор за терористи што активно учествувале во неколку оружени конфликти во изминатите децении – додава Марковски.

За официјалните информации дека групата имала силни фортификациски позиции и неограничен ресурс на најразновидна муниција, аналитичарот смета дека тие само успешно ги искористиле постојните урбани градби за своја одбрана и оти интензитетот на престрелките дозволувал да возвраќаат на огнот долго време и со средно лимитирани борбени ресурси.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.