понеделник, 22 мај 2017  |  Вести денес: 35

МАРнет остро го демантира Кирацовски

kiracovski-1

Последни вести

Македонската академска истражувачка мрежа МАРнет ги демантира тврдењата на дополнителниот заменик министер во Министерството за информатичко општество и администрација Александар Кирацовски, кој вчера на прес-конференција рече дека оваа институција овозможила купен домен од СДСМ да биде продаден на друго лице, пишува МИА.

– МАРнет веќе пет години функционира како самостојна јавна установа без ниту една дамка на своето работење и претставува лидер во регионот за електронска односно онлајн регистрација на национален домен. Според европските директиви за либерализација на пазарот на национални домени, од 1 април 2014 година согласно Правилникот за организацијата и управувањето со врвниот македонски .мк домен и врвниот македонски .мкд домен, МАРнет не врши регистрација на домени,  а правото за регистрација на домени  го пренесе на приватни регистрари. Меѓусебните права и обврски на МАРнет и регистрарите се регулирани односно утврдени со договор, наведува во соопштение МАРнет.

Регистрарите, истакнува МАРнет, имаат целосно овластување самостојно да извршат регистрација на домен кој што е слободен во моментот на регистрација односно не е зафатен. Регистрацијата на домените, појаснуваат, регистрарите ја вршат без претходно одобрување од страна на МАРнет односно МАРнет нема никаков пристап при самиот процес на регистрација на домен кој што го врши регистрарот, а аналогно на тоа не може да даде ниту пак дава какво било одобрување за регистрацијата на одреден домен.

– Господинот Кирацовски обвинува дека МАРнет овозможил кражба што претставува сериозна клевета врз институцијата. Во функција на дополнителен заменик министер во Министерството за информатичко општество и администрација господинот Кирацовски е должен да биде целосно запознаен со начинот на работа и функционирање на МАРнет и процесот на регистрација на домен пред да изнесе невистинити тврдења кои го нарушуваат угледот на институција, соопштуваат од МАРнет.

Истакнуваат дека  во случај на каков било проблем во врска со регистрација на .мк домен треба да се реагира кај регистрарот кој е одговорен за регистрацијата на доменот, затоа што тие од 1 април 2014 година не регистрирале домени.

Најчитани вести